Успехот на највисоко ниво секогаш помага. Фактот што тоа го сторивме со наши фудбалери, кои играат атрактивен фудбал, на „начин на Ајакс“, ни помага да ја продадеме нашата приказна. Но другиот елемент е дека ние изградивме бренд околу нашата фудбалска филозофија, вели Мено Гелен, комерцијалниот директор на холандскиот Ајакс
Дали Ајакс и понатаму е највлијателниот фудбалски клуб на планетата? „Скај спортс“ во разговорот со комерцијалниот директор Мено Гелен се обиде да открие како тие преку академијата го финансираат клубот и продолжуваат да го обликуваат начинот на кој се игра фудбалот низ целиот свет. Ајакс играше во финалето на Лига Европа (ЛЕ) во 2017 година, а лани недостигаа неколку секунди за пласман во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ). Но ако некој мисли дека вакви европски успеси му требаат на Ајакс за да го задржи влијанието врз играта, греши. Без разлика на тоа што се случува на самиот терен, овој клуб продолжува да го обликува начинот на кој се игра фудбалот низ целиот свет. Идејата на Ајакс опстојува.
– Успехот на највисоко ниво секогаш помага. Фактот што тоа го сторивме со наши фудбалери, кои играат атрактивен фудбал, на „начин на Ајакс“, ни помага да ја продадеме нашата приказна. Но другиот елемент е дека ние изградивме бренд околу нашата фудбалска филозофија – вели Гелен.
Поранешниот играч од средниот ред на Барселона, Чави, своевремено моделот на каталонскиот клуб го опиша како „модел Ајакс“. Сега и други сакаат да го имплементираат тоа и, најбитно, подготвени се да платат за тоа.
– Во текот на претходните 25 години многу клубови нѐ посетуваа за да научат нешто за нашата академија. Ние им покажувавме сѐ и им кажувавме што сме направиле, затоа што тоа е љубезен начин на однесување. Но откако нѐ посетуваа и сакаа информации сѐ повеќе клубови, не беше можно веќе да го правиме тоа. Сега, ако некој клуб сака да ја подобри работата во својата академија, се договараме за тоа како да ги постигне тие цели. Во Холандија соработуваме со околу 50 клуба. Имаме свој клуб во Јужна Африка, работиме за клуб во Австралија, Сиднеј.
Во Јапонија работиме за Саган Туси, а во Кина соработуваме со академијата на Гвангжу, од каде што добиваме три милиони годишно, или за десет години вкупно 30 милиони евра. Од другите клубови добиваме по пет или шест милиони евра годишно – вели Гелен.
Престижот на Ајакс има големо влијание, како и пресликувањето на клупската инфраструктура. Но, освен тоа, многу од овие клубови имаат и практична корист од тренерите на Ајакс.
– Имавме тренери во Амстердам што сакаа нов предизвик или нов животен стил и тие сега можат да одат во Кина на две години, а потоа да се вратат тука. Нашите најдобри тренери остануваат во Амстердам, но, за среќа, имаме многу добри тренери – вели Гелен.
Тие со себе ги носат традициите, но и иновациите на Ајакс. Кога станува збор за начинот на игра, „марката“ Ајакс и понатаму е силна.
– Нашата академија е нашиот живот. Не можеме да купиме ѕвезди, но можеме да ги создадеме. Не сме најбогат клуб, но кога станува збор за влијанието за тоа како се игра фудбал во светот, мислам дека уште сме на врвот. Секако, има нови клубови, Пеп Гвардиола и Јирген Клоп ги инспирираат луѓето со својот фудбал. Но мислам дека многумина уште се инспирираат од начинот на кој работиме ние. Насекаде каде и да одите, луѓето зборуваат за Ајакс, за развојот на младите и за напаѓачкиот фудбал – вели Гелен.
„Иновативноста е можеби една од најважните работи за нас“
Иновативноста е можеби една од најважните работи за нас. Отворениот ум кон промените и креативноста се клучот за да напредуваме. Ние сакаме играчите да бидат креативни на теренот, затоа сакаме да бидеме креативни и во организацијата. Но не можете да застанете и да мислите дека знаете сѐ. Ако мислите така, тогаш за две години веќе ќе бидете застарени, вели комерцијалниот директор на Ајакс, Мено Гелен.
Инспирација се бара и на други места
Некои од иновациите се чинат мали. Младите играчи на Ајакс тренираат во различни чорапи по боја, за да знаат нивните соиграчи која им е посилната нога. Во Ајакс секогаш се расположени инспирација да побараат и на други места.
– Имаме луѓе што потекнуваат од велосипедизам, атлетика, бејзбол и хокеј на трева, кои сега работат со нашите млади фудбалери. Како е можно да се вози велосипед на Тур де Франс, 20 дена на највисоко ниво? Исхраната е клучот, а тоа е нешто од што можеме да научиме кога нашите фудбалери треба да играат три натпревари во една недела. Кога ги посетивме велосипедските тимови, видовме дека секој натпреварувач има свое мени. Некои имаат повеќе пилешко од другите.
Ако сакате да ги зголемите перформансите, не можете да им дадете на сите исто мени, тоа треба да се персонализира. Имаме тренери од атлетика што ги учат нашите играчи како да трчаат. Мали промени во однос на тоа каде ги позиционираат нозете направија разлика и им помогнаа да се подобрат. Е-спортот, исто така, е корисен. Некои од младите играчи сакаат видеоигри. Тоа е многу добро за координацијата на раката и окото, помага при реакциите. Ние бевме еден од првите клубови во светот што имавме е-играч. Парите што ги добиваме од е-спортот може да бидат реинвестирани во нашата академија – рече комерцијалниот директор на Ајакс, Мено Гелен.