Аталанта пишува историја за своите фанови. Клубот од Бергамо во својот прв настап во Лигата на шампиони успеа да стигне до осминафиналето, и ако се смета првиот меч е многу блиску и до најдобрите осум, откако на „Сан Сиро“ успеа да ја декласира Валенсија со висока 4:1 победа.
Тотенхем на Жозе Мурињо пак, е пред елиминација, откако пред својата публика дозволи Ред бул Лајпциг да доминираат во играта и да го чекат реваншот со гостинска 1:0 победа.
Аталанта да потсетиме, настапите во ЛШ ги започна со три порази во низа – катастрофални 4:0 од Динамо Загреб на гости, домашен пораз од 1:2 од Шахтјор и 5:1 декласирање од Манчестер сити на гости. Меѓутоа, клубот од Бергамо покажа срце, победи во последните два натпревари и ги доби Валенсија, клуб со далеку поголемо искуство во европските натпреварувања во осминафиналето.
Италијанските медиуми шпекулираа дека речиси една третина од жителите на Бергамо се во Милано вечерва за најважниот меч во нивната клупска историја, и носени со овие очекувања, фудбалерите не разочараа.
Капитенот Папу Гомез уште во 12. минута со одлична асистенција го најде Ханс Хатебер за отварање на резултатот, а Јосип Иличиќ во финишот на полувремето со фантастичен гол зголеми на 2:0. „Ла Деа“ (или божица, како што фановите сакаат да го именуваат својот тим), не застана тука. Ремо Фројлер во 57. минута зголеми на 3:0, а Хатебер со вториот гол во 63. минута веќе најави катастрофа за Валенсија. Утешно за шпанскиот тим е што Денис Черишев во 66. минута распали и успеа да постигне гол, така што сега на „Месталја“ ќе им биде потребна победа од „само“ 3:0 .
Тотенхем, пак, не успеа да добие ваква енергија од своите фанови, и дозволи на својот стадион Лајпциг целосно да доминира и да си замине во Германија со предност од 1:0. Ред бул доминираше од почетокот на мечот – Анџелино имаше удар во стативата веќе во втората минута, Вернер еднаш убаво го тестираше Љорис, а Лајпциг иако не постигна гол во првите 45 минути имаше дури 13 удари.
Во 56. минута, гостите добија пенал, откако Дејвис го „собра“ Лајмер, а Тимо Вернер беше сигурен од белата точка.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ
Аталанта – Валенсија 4:1
Тотенхем – РБ Лајпциг 0:1