ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

За Арсенал ова беше прва победа на претходните осум меча, прва во првенството по таа на 1 ноември над Манчестер јунајтед и прва дома од 4 октомври над Шефилд

Арсенал на најдобар можен начин, со победа во дербито над Челси со 3-1 во англиската фудбалска Премиер-лига, им ги честита божиќните празници на своите навивачи. За „топчиите“ тоа беше прв првенствен триумф по 56-дневна пауза (на 1 ноември го совладаа Манчестер јунајтед, со 1-0) со што ја подобрија позицијата на табелата (на 14-то место) и излегоа од зоната на испаѓање. За Арсенал ова беше прва победа на претходните осум натпревари и прва дома по победата над Шефилд со 2-1 во октомври. Арсенал ги доби минатите 10 меча дома во Премиер-лигата на 26 декември, втора најдобра серија во ова натпреварување по онаа на Манчестер јунајтед, кој триумфира на 12 последователни натпревари на Боксинг деј, од 1997 до 2016 година.
– Ова беше навистина посебен ден. Сите во клубот бевме разочарани и фрустрирани, не толку од перформансите, колку од резултатите. Се надевам дека оваа победа ќе биде пресвртница со која ќе се зголеми довербата кај тимот, бидејќи знам дека тие можат да играат на ова ниво – изјави менаџерот на Арсенал, Микел Артета, на годишнината од преземањето на функцијата.

Челси загуби на третото гостувања во низа во Премиер-лигата, што е најлоша таква серија по февруари 2019 година. Жоржињо не искористи пенал пред крајот на мечот (Бернд Лено одбрани). Тоа е трет од претходните шест пенали што тој ги промашува (со Ливерпул во септември и со Краснадор во октомври) откако ги реализира првите осум за Челси во сите натпреварувања.
– Лут сум затоа што сакам да победуваме. Го добивме тоа што го заслуживме. Јас ја преземам одговорноста, но и играчите треба да го преземат својот дел. Кога ќе излезете на теренот и играте со 60 или 70 проценти од можностите, тогаш нема да победите на ниту еден натпревар во Премиер-лигата – изјави менаџерот на Челси, Франк Лампард.