Австрискиот фудбалски репрезентативец Марко Арнаутовиќ е цел на напади на социјалните мрежи поради расправијата со македонскиот фудбалер Езџан Алиоски во завршницата од вчерашниот меч на Европското првенство.
Австриецот со српски корени постигна гол во 89-та минута и го постави конечниот резултат 3-1. Откако го постигна голот тој започна да го навредува Алиоски. На социјалните мрежи го обвинија Арнаутовиќ дека е расист.
– Имаше вербална расправија од двете страни – рекол Арнаутовиќ на денешната прес-конференција, на која не било планирано тој да им се обрати на новинарите.
Тој решил да дојде на пресот за да објасни дека она што се случило немало врска со политиката или расизмот.
– Имам пријатели насекаде низ светот – рекол Арнаутовиќ.
Сепак признал дека прославата на голот не била примерна.
– Се радував и секако дека паднаа некои зборови кои ме заболеа. Тоа беше емоционална расправија. Можам да им кажам дека ми е жал на сите оние кои почувствуваа дека се навредени. Сакам да го заборавиме тоа што се счучи, на такви работи не им е местото во фудбалот – вели Арнаутовиќ.
ФФМ бара казна за Арнаутовиќ
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) бара од УЕФА најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ поради навредите кон Езџан Алиоски.
– Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува националистичкиот испад на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, после постигнатиот гол на вчерашниот натпревар со Македонија упатени кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски. Истовремено ве информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ.
Како „Куќа на фудбалот” секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме. Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат – се вели во објавата на официјалната фејсбук-страница на ФФМ.