Селекторот на Аргентина, Хорхе Сампаоли бара Сојузот да му обезбеди нов противник за пријателски натпревар, откако планираниот контролен дуел што требаше да се игра в сабота со Израел на гостински терен е откажан.
Според некои информации, натпреварот е откажан поради страв за безбедноста на аргентинските играчи, односно поради закани кон Лионел Меси.
Други извори блиски до Палестинците велат дека натпреварот нема да се игра поради израелската политика во регионот. Палестинците наводно побарале од Меси да не го игра мечот, во спротивно најавиле палење на неговите дресови.
Така, еден од кандидатите за светската титула остана само еден пријателски натпревар (победа 4: 0) против Хаити на осум дена до почетокот на Мундијалот.
Поради тоа, Сампаоли сака неговиот тим во Барселона да одигра барем уште еден натпревар пред патувањето во Русија.
Од друга страна, Фудбалската асоцијација на Израел поради откажувањето на натпреварот најави жалба до ФИФА и побара казна за сите кои, како што велат, сакаат да им наштетат на фудбалерите.