Еден од најбараните фудбалски напаѓачи на денешницата, Ерлинг Халанд, првпат сезонава не успеа да постигне гол на натпревар од Лигата на шампионите (ЛШ), во поразот на Борусија Дортмунд од Манчестер сити со 1-2 на гости, иако асистираше за единствениот погодок на неговата екипа во првиот дуел од четврт-финалето. Домаќинот дојде во водство преку Кевин де Брујне во 19-та минута, Марко Ројс изедначи во 84-та на додавање на Халанд, додека Фил Фоден беше стрелец на победничкиот гол.
Младиот Норвежанец претходно редум ги тресеше мрежите на Лацио, Зенит, Бриж и на Севилја, постигнувајќи вкупно 10 погодоци на шесте средби на кои настапи во тековната ЛШ, во пресрет на вечерашниот дуел со Манчестер сити.
Англискиот портал „Скавка“ се пошегува оти Халанд на тој начин му „попуштил на клубот на неговиот татко“. Алф-Инге Халанд го носеше дресот на Сити од 2000 до 2003 година постигнувајќи три гола на 41 настап.
Навивачите на „граѓаните“ се понадеваа дека напаѓачот на Борусија би можел да заигра за нивниот клуб, исто како и татко му, кога на Интернет неодамна се појави фотографија од детството на Ерлинг, на која тој го носи дресот на Сити. А нивните надежи дека ќе го видат Халанд во небесносиниот дрес ги подгеа и навидум пријателскиот разговор помеѓу Норвежанецот и стрелецот на победничкиот гол за Сити, Фоден, по завршувањето од мечот на „Етихад“. Алф-Инге Халанд, пак, неодамна откри дека Ерлинг навива за други два негови поранешни клубови, англиските Лидс и Нотингем Форест.
Убоитиот голгетер се спомнува како трансфер-цел на најголемите европски клубови меѓу кои се и Реал Мадрид, Барселона, Челси, Пари Сен Жермен и Баерн, покрај Сити. Се смета дека неговиот трансфер би можел да чини и 150 милиони евра. Останува да се види како ќе одигра Халанд во реваншот против Сити и дали овој двомеч ќе има влијание и врз неговиот иден трансфер.
Во вториот вечерашен четврт-финален дуел Реал Мадрид го совлада Ливерпул со 3-1. Утре се среќаваат актуелниот бранител на трофејот Баерн и ПСЖ, односно Порто и Челси (од 21 часот). Реваншите од четвртфиналните пресметки се играат следната недела.