Деновиве се очекува предводникот на англиските фудбалски судии, Мајк Рајли, да ги охрабри судиите повеќе да ги користат мониторите од системот видеопомошник-судија (ВАР) покрај терените. Претставниците на 20-те премиерлигашки клубови треба да се состанат со Рајли во Лондонутре.
На врвот од дневниот ред на состанокот треба да бидат тековните контроверзии околу ВАР, кои продолжија во саботата, кога на Шефилд му беше поништен гол на мечот против Тотенхем поради минимален офсајд. ВАР се најде на тапет и по мечот Ливерпул – Манчестер сити (3-1) поради играње со рака во 16-те метри на бекот на „црвените“, Трент Александер-Арнолд (двапати) што судијата не го санкционира.
Рајли ќе треба да одговори за различни прашања во врска со ВАР, меѓу кои се недоследностите во донесувањето на одлуките и времето што е потребно за да се донесат одлуките. Се очекува тој да им каже на клубовите дека судиите на теренот ќе може да користат монитори. Беше предвидено тие да ги користат, но Рајли ги советуваше да не го прават тоа за да се спречат одолжувањата.