Првпат во историјата на европските клупски натпреварувања во финалињата на Лигата на шампиони (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) ќе се сретнат екипи од иста земја, од Англија, Ливерпул – Тотенхем и Арсенал – Челси
Комплетен триумф на англиските клубови сезонава во Лигата на шампиони (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). Тие испишаа нова страница во фудбалската историја, бидејќи во двете финалиња ќе играат екипи од Островот. По Ливерпул и Тотенхем, кои во трилер-мечеви ги елиминираа Барселона, односно Ајакс, и во Мадрид на 1 јуни ќе играат за титулата европски првак, во финалето на второто по ранг натпреварување, ЛЕ, ќе играат двата лондонски ривала, Арсенал и Челси на 29 мај во Баку, кој од Лондон е оддалечен околу 4.000 км.
Во полуфиналите дуели во ЛЕ, Арсенал ја елиминира шпанска Валенсија победувајќи ја на двата меча со 4-2 и 3-1, а Челси со многу мака сепак успеа да биде подобар, па и посреќен, од бундеслигашот Ајнтрахт Франкфурт, триумфирајќи на пенали со 4-3, откако двата меча завршија без победник, 1-1.
– Англискиот клупски фудбал е на многу високо ниво, а Премиер-лигата е најквалитетното првенство во Европа. Оттаму, ваквите успеси и не се неочекувани – изјави Италијанецот Маурицио Сари, менаџерот на Челси.
Во минатото, англиски екипи двапати се сретнале во европско финале. Последен пат во 2008-та, во ЛШ, кога играа Манчестер Ј. – Челси (победи Јунајтед на пенали), и претходно во 1972-та, во Купот на УЕФА, Тотенхем беше подобар од Вулверхемптон.
Досега шест пати се случувало во финалињата на ЛШ и ЛЕ да има по три екипи од една земја, трипати од Италија, двапати од Шпанија и еднаш од Германија.
Прв таков успех забележаа германските тимови, во 1980-та. Во КЕШ, германски Хамбургер загуби од англиски Нотинтгем форест (0-1), а во германското финале, во УЕФА-купот, Ајнтрахт беше подобар од Борусија М. (3-3, гол на гости).
Во 1990, 1995 и 1998-та, во завршницата имаше три италијански тима. Во 1990-та во ЛШ Милан – Бенфика (1-0) и во УЕФА-купот Јувентус – Фиорентина (3-1), во 1995-та во ЛШ Милан – Ајакс (0-1), во ЛЕ Парма – Јувентус (2-1), а во 1998-та Реал – Јувентус (1-0), односно Интер – Лацио (3-0).
Последниве години доминираа екипите од Шпанија. Во 2014-та во финалето на ЛШ играа Реал и Атлетико (4-1, по продолженијата), а во ЛЕ Севилја – Бенфика (4-2, пенали).
Две години подоцна, во 2016-та, слична разврска. Во финалето на ЛШ повторно се сретнаа Реал и Атлетико (5-3, на пенали, 1-1), а во ЛЕ, Севилја беше подобра од Ливерпул (3-1). Во оваа пригода треба се потсети дека во неколку наврати се случувало да има по четири тима финалисти, но во трите натпреварувања, во КЕШ/ЛЕ, УЕФА-куп/ЛЕ и во Купот на победниците на куповите (КПК), кој повеќе не постои. Тоа се случи во 1990-та, кога трите трофеи ги освоија италијанските екипи (Милан, Јувентус и Сампдорија).
Англија може да има и пет клуба во ЛШ?
Во финалето во ЛШ и ЛЕ ќе играат англиски клубови, што никогаш порано не се случило. Тоа, пак, значи дека постои и варијанта Англија да има и пет претставници во следната сезона во ЛШ. Англиската премиер-лига како една од најсилните во светот дава четири клупски претставници во најеминентното европско фудбалско натпреварување, а петтиот може да го добие како освојувач на ЛШ или ЛЕ.
Знаејќи дека во финалето во ЛШ ќе играат Ливерпул (кој веќе го осигури пласманот во тоа натпреварување и следната година) и Тотенхем (кој само со лудо сценарио во последното првенствено коло би можел да остане без пласман во ЛШ), тогаш Англичаните со право го бараат петтото место токму низ финалето во ЛЕ. А таму, пак, ќе играат Арсенал и Челси, кој од порано низ домашната лига си го обезбеди пласманот во ЛШ.
Арсенал моментно е петти во националното првенство, со теоретски шанси да стигне и до четвртото, кое, пак, води во ЛШ. Тоа, пак, значи дека за Арсенал финалето во ЛЕ е и меч на сезоната во кој мора да победи, ако сака и следната сезона да игра во ЛШ. А со евентуалната победа во финалето во Баку, Англија ќе добие најмногу претставници (пет) во ЛШ за следната натпреварувачка сезона. Г.И.
Најмногу клубови од иста земја во финалињата
Лига на шампиони УЕФА/ЛЕ
2019 – ЛИВЕРПУЛ, Тотенхам Арсенал, Челси
2016 – РЕАЛ, Атлетико СЕВИЛЈА, Ливерпул
2014 – РЕАЛ, Атлетико СЕВИЛЈА, Бенфика
1998 – РЕАЛ, Јувентус ИНТЕР, Лацио
1995 – АЈАКС, Милан ПАРМА, Јувентус
(со големи букви се победниците)
Финале, ЛЕ
Арсенал – Челси
Баку, 29 мај
Полуфинале
Валенсија – Арсенал 2-4 (1-3, прв меч)
Челси – Ајнтрахт Ф. 4-3, пенали (1-1, 1-1)