Задоволен сум како одигравме на двата меча, против Словенија и Казахстан, сѐ излезе добро, тоа се гледа и од резултатите. Убаво беше и што овие мечеви ги одигравме пред публика, ѝ благодарам на поддршката и среќен сум што ѝ возвративме со победи. Навивачите нека се радуваат, но нам не ни треба еуфорија во моментов, треба да застанеме цврсто на нозе, да се концентрираме, бидејќи сега доаѓа она вистинското, а тоа се мечевите на ЕП, вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски
ФУДБАЛ – ПРЕД НАСТАПОТ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020
Македонија со победата и ремито, и со игрите на контролните натпревари во Скопје со Словенија (1-1) и со Казахстан (4-0) пред заминувањето за Букурешт (Романија) покажа дека е добро подготвена за деби-настапот на Европското првенство (ЕП) во фудбал што почнува в петок.
Селекторот Игор Ангеловски, кој им даде шанса на речиси сите фудбалери, може да биде задоволен од она што тие го покажаа во оваа фаза од подготовките. Но веројатно најголемото олеснување и причина за задоволство за него е фактот дека ќе може да смета и на Енис Барди, еден од клучните играчи во средниот ред, кој е негативен на ковид-19 и ќе му биде на располагање за претстојните натпревари.
– Целта на овие натпревари беше да испробаме некои нови тактички варијанти и на некои од помладите фудбалери да им се даде шанса да настапат. Задоволен сум како одигравме на двата меча, сѐ излезе добро, тоа се гледа и од резултатите. Убаво беше и што овие натпревари ги одигравме пред публика, ѝ благодарам на поддршката и среќен сум што ѝ возвративме. Навивачите нека се радуваат, но нам не ни треба еуфорија во моментов, треба да застанеме цврсто на нозе, да се концентрираме, бидејќи сега доаѓа она вистинското, а тоа се мечевите на Европското првенство. Им честитам на младите, Милан Ристовски и Дарко Чурлинов, кои постигнаа голови првенци и им посакувам така да продолжат и во иднина. За мене нивните игри не се изненадување, јас ги познавам од поодамна, тие се иднината на македонскиот репрезентативен фудбал – вели Игор Ангеловски, селекторот на Македонија.
„Базата“ на Македонија ќе биде во Букурешт, односно Националната арена на која ќе ги игра натпреварите во групата Ц, против Австрија, в недела (18 часот) и против Украина, на 17 јуни (15 часот). Третиот меч од групата Ц, против Холандија, на 21 јуни (18 часот), Македонија ќе го одигра на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам.
На Македонија не ѝ се даваат поголеми шанси за успех на ова ЕП, но селекторот Ангеловски во повеќе наврати повторуваше дека пласманот во следната, нокаут-фаза, не е невозможна мисија, туку напротив, реална опција. Таквиот оптимизам тој го базира, пред сѐ, на добрите игри во првите три квалификациски меча за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, против Романија (2-3, на гости), Лихтенштајн (5-0, дома) и против Германија (2-1, на гости). Друга битна работа е што оваа репрезентација подолго време игра заедно, односно направен е одличен спој на искусни играчи предводени од капитенот Горан Пандев и на млади фудбалери како Елиф Елмас, Енис Барди и другите. Искуството од играњето во силни клубови и лиги си го направи своето, односно ја зголеми самодовербата кај сите играчи на максимално ниво.
– Јас уште во почетокот од квалификациите за ЕП 2020 реков дека нашите амбиции се играње на завршниот турнир и оти сѐ друго ќе биде неуспех. Во квалификациите бевме трети што е најдобар пласман на Македонија досега, за малку не успеавме, но втората шанса, преку Лигата на нациите, не ја пропуштивме. Можеби Македонија некои ја сметаат за аутсајдер, но мене не ми пречи таа улога, можеби е добро што е така. Против Романија, а особено против Германија, покажавме дека не се плашиме од никого, немаме никакви комплекси и верувам дека имаме шанси во дуелите со Австрија, Украина и со Холандија – вели Ангеловски.
МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020
Македонија – Австрија 13 јуни, 18 ч.
Македонија – Украина 17 јуни, 15 ч.
Македонија – Холандија 21 јуни, 18 ч.