Македонија утре го игра полуфиналниот плејоф-меч со Косово во Скопје (од 20.45 часот), за пласман на Европското првенство в година

ФУДБАЛ

Сите фудбалери ги имам на располагање, здрави се, тренираат и тоа ме радува. За жал ќе го нема Елиф Елмас, но тоа треба да биде мотив плус за другите играчи да го надоместат неговото отсуство, бидејќи тимот е најбитен, вели селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, пред утрешниот полуфинален плејоф-меч со Косово во Скопје (арена „Тодор Проески“, од 20.45 часот) за пласман на Европското првенство (ЕП) в година.
Македонија го освои третото место во квалификациите за ЕП 2020, првпат во историјата во квалификации за ЕП или за СП, зад Полска и Австрија и пред Словенија и Израел. Во новиот циклус натпревари во Лигата на нациите (ЛН), во Лигата Ц, група 2, Македонија добро почна и во првите два меча забележа една победа, дома над Ерменија, со 2-1, и едно реми, на гости со Грузија, 1-1. Репрезентацијата на Косово, исто така, имаше импресивна кампања за ЕП, со 3-то место во групата А, зад Англија и Чешка, а пред Бугарија и Црна Гора. Во ЛН, лигата Д, Косово го освои првото место во групата 3 во конкуренција на Азербејџан, Фарските Острови и на Малта.

– Концентриран сум само на нашиот тим, на тоа како ние ќе играме, тоа ми е најбитно. Македонија 30 години чека на бараж-меч, ќе биде историски успех ако се пласираме на ЕП. Присуството на Горан Пандев е од непроценливо значење за репрезентацијата, тоа не треба посебно да се потенцира. Негова голема желба, моја, на играчите, како и на сите љубители на фудбалот во Македонија, е да заиграме на ЕП и се надевам дека такво нешто ќе се оствари – вели селекторот Ангеловски.