Игор Ангеловски

Ерменија, Грузија и Естонија се неатрактивни но силни противници во следниот циклус натпревари во ЛН, вели селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, кој за плејоф-дуелот против Косово на 26 март во Скопје ќе смета на фудбалерите што играа во квалификациите за ЕП 2020 и во ЛН

Македонија доби не многу атрактивни, според имињата и реномето, репрезентации во квалификациската група 2, Лига Ц, за следното издание на Лига на нациите, 2021/2022. Но тоа се силни, квалитетни ривали, особено Ерменија и Грузија, кои заедно со Македонија ќе играат за првата позиција во групата што води во повисок ранг, во Лига Б. Би требало да решаваат нијанси, но очекувам и верувам дека оваа генерација фудбалери на Македонија може да направи нов исчекор напред и да се пласира во Лига Б, зошто да не, ги проценува групата и шансите на Македонија, селекторот Игор Ангеловски.

Но пред есенските дуели во Лигата на нации (ЛН), најдобрите фудбалери на Македонија ги очекува важниот плејоф-меч против Косово, на 26 март во Скопје, за пласман на Европското првенство (ЕП). Победа на тој меч обезбедува уште еден, против подобриот од дуелот Грузија – Белорусија, на гости, на 31 март.

– Мечот против Косово ни е приоритет, тој треба да се добие, па потоа да се размислува за следниот. Не планирам ниту, пак, има потреба што било да се менува, што значи дека во прв план ќе бидат фудбалерите што играа во квалификациите за ЕП 2020 и во ЛН. Списокот со фудбалери ќе го објавам една недела пред мечот, а собирот и подготовките, ако може да се наречат така, се планирани од понеделник, 23 март.

Косово е солидна репрезентација, имаме снимки и доста податоци за нив, ги знаеме добрите и лошите страни, но деталите ќе ги оставам за моите фудбалери на подготовките и пред мечот што би требало да го добиеме – вели Ангеловски.


РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
5.9 Македонија – Ерменија
8.9 Грузија – Македонија
8.10 Естонија – Македонија
11.10 Македонија – Грузија
13.11 Македонија – Естонија
16.11 Ерменија – Македонија