Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе решаваат детали, да не речам ситници, инспирација, бидејќи мотивацијата нема да недостига во двата табора. Се подготвуваме како и за сите други натпревари, јас и моите соработници го анализираме противникот и веруваме дека ќе бидеме победници на тој меч, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски

ФУДБАЛ – ПРЕД ДУЕЛОТ НА 12 НОЕМВРИ, ГРУЗИЈА – МАКЕДОНИЈА, ЗА ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Почнува одбројувањето до решавачкиот, финален меч од првото издание на Лигата на нациите (ЛН) за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) в година, Грузија – Македонија во Тбилиси, на 12 ноември. За фудбалска Македонија ова е многу важен, историски натпревар, кој може да значи прв пласман во завршницата на едно големо натпреварување и реализација на неколкудецениските соништа на многубројни фудбалери и селектори, како и на целокупната спортска јавност.
– Ова е многу важен натпревар, влогот е голем, тоа е настап на финален турнир на ЕП, сите го посакуваме тоа. Дали чувствувам притисок? Не, навистина, така е и со фудбалерите. Се подготвуваме како и за сите други натпревари, јас и моите соработници гледаме видеоснимки, го анализираме противникот и веруваме дека ќе бидеме победници на тој натпревар. А и ќе немаме многу време за размислување, в понеделник се собираме, а веќе в среда патуваме за Тбилиси – вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски.
Македонија и Грузија се во истата група 2, лига Ц, во новото издание на Лигата на нациите, и веќе одиграа два меѓусебни меча. Двата натпревара, првиот во Тбилиси, во септември, како и реваншот во Скопје, во октомври, завршија без победник, со идентичен резултат, 1-1.

– Добро се познаваме, нема непознати, и ние и Грузијците ќе ги имаме на располагање истите играчи, па оттаму и не може да се очекуваат некои поголеми изненадувања во поглед на тактиката и во поставеноста на играта. Ќе решаваат детали, да не речам ситници, инспирација, бидејќи мотивацијата нема да недостига во двата табора. Можно е на тој меч да има и публика на трибините (Европската фудбалска унија дозволува исполнетост до 30 отсто од капацитетот на стадионот, тој во Тбилиси е со 54.550 места – н.з.) што во принцип е предност за домашниот тим, но и тоа не ме загрижува особено, бидејќи во македонската репрезентација има доста играчи, пред сите, Горан Пандев, кои играле натпревари против силни репрезентации, светски и европски прваци, како Шпанија и Италија. Тоа не би требало да биде никаков хендикеп за нас, напротив, тоа понекогаш и е добро, инспиративно – вели Ангеловски.
Списокот со фудбалери за дуелот со Грузија, Ангеловски треба да го објави до крајот на неделава.

– Нема потреба од никакви поголеми промени во составот. Тоа значи дека на списокот ќе бидат фудбалерите што успешно го одработија минатиот циклус натпревари во Лигата на нациите, како и во квалификациите за Европското првенство. Се надевам дека ќе бидеме комплетни и оти ќе нѐ одминат повредите и слично. Што се однесува до ситуацијата со ковид-19, тука не можам ништо да кажам и да прогнозирам бидејќи ситуацијата катадневно се менува и сите сме во исчекување – вели Ангеловски.


ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП

Лига А Унгарија – Исланд
Лига Б Северна Ирска – Словачка
Лига Ц Србија – Шкотска
Лига Д Грузија – Македонија
сите мечеви се на 12 ноември

СОСТАВ НА ГРУПИТЕ ЗА ЕП 2020

Група А: Турција, Италија, Велс, Швајцарија
Група Б: Данска, Финска, Белгија, Русија
Група Ц: Холандија, Украина, Австрија, победник лига Д
Група Д: Англија, Хрватска, Чешка, победник лига Ц
Група Е: Шпанија, Шведска, Полска, победник лига Б
Група Ф: Португалија, Франција, Германија, победник лига А

[email protected]