Американскиот милијардер Дан Фридкин го купи италијанскиот фудбалски клуб Рома за сума од над 700 милиони долари, соопшти клубот, пренесува „Ројтерс“.
Рома објави дека официјалните договори со групата Фридкин со седиште во Хјустон, Тексас, биле потпишани и оти трансакција е вредна 591 милион евра.
Сегашниот претседател Џејмс Палота рече дека двете страни ќе работат на завршување на купопродажниот процес во текот на следните денови. Се очекува трансакцијата да биде завршена до крајот на август.
Тоа е прва инволвираност во еден голем спортски клуб за групацијата „Фридкин“, кој опфаќа конзорциум на автомобилски компании, угостителство, забава, голф и авантуристички компании.
Група американски инвеститори предводена од Палота ја купи Рома во 2012 година. Палота, бизнисмен со италијанско потекло, последните осум години смени осум различни тренери со желба да се освои некој трофеј. Клубот ја освои последната од трите титули во Серија А во 2001 година.
Рома под негово водство трипати беше втора, без сериозно да ја загрози доминацијата на Јувентус, кој е неприкосновен во последните девет сезони.