Противник на Ал-Аин во големото финале в сабота ќе му биде подобриот од второто полуфинале на светското клупско СП, кое се играше синоќа, помеѓу првакот на Европа, Реал, и првакот на Азија, Кашима

Ал-Аин од Абу Даби, Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), ќе игра во финалето на Светското клупско фудбалско првенство, на кое токму Ал-Аин и Абу Даби се домаќини. Ал-Аин во полуфиналето го елиминира фаворитот, победникот во Копа либертадорес, аргентинскиот Ривер плата, на пенали со 5-4 (по 120 минути игра беше 2-2). Претходно Ал-Аин во првото коло го елиминира првакот на Океанија, Велингтон од Нов Зеланд, на пенали со 4-3 (3-3), а во второто првакот на Африка, Есперанс од Тунис, со 3-0.

Противник на Ал-Аин, на чија тренерска клупа е Хрватот Зоран Мамиќ, во големото финале в сабота ќе му биде подобриот од второто полуфинале што се играше синоќа, помеѓу првакот на Европа, Реал Мадрид од Шпанија, и првакот на Азија, Кашима од Јапонија. Но, без оглед против кого ќе игра и што ќе направи в сабота, Ал-Аин веќе го постигна најголемиот успех во клупската историјата. Ал-Аин, кој е формиран во 1968 година, е најуспешниот тим во ОАЕ, со 13 титули (годинава првпат ја освои и двојната круна), седум национални купа, пет суперкупа, а во 2003-та стана и првак на Азија.

За големиот сензационален успех, каков што е пласманот во едно вакво финале, на првиот настап, за најзаслужни се сметаат неколкумина клучни играчи. Тоа се голманот Калид Еиса (29), кој беше херој на мечот против Ривер плата, одбранувајќи му го решавачкиот удар од белата точка на Енцо Перез. Тој беше одличен и на претходните натпревари, против Велингтон и против Есперанс. Одбранбениот играч Исмаил Ахмад (35) беше меѓу тројцата во најтесниот избор за најдобар играч на Азија во 2014 година. Левиот бек, Јапонецот Цукаса Шиотони (30), еднакво е корисен и одбраната и во нападот. Египќанецот Хусеин Ел-Шахат (27) импресионира уште од пристигнувањето во клубот во јануари годинава.

Тој може да игра на неколку позиции во нападот, има брзина и технички е добро поткован. Бразилецот Кајо (24), еден од ретките Јужноамериканци во ОАЕ, познат е по дриблинзите и по способноста да го помине одбранбениот играч во ситуација еден на еден. Шведскиот репрезентативец Маркус Берг (32) добро им е познат и на европските љубители на фудбалот (играше за Гетеборг, Гронинген, Хамбургер, ПСВ, Панатинаикос). Тој постигнува многу голови за Ал-Аин, добро се снаоѓа на сите позиции во нападот, а е опасен и при нафрлените топки. 


Вторпат домаќин ќе игра во финалето на клупското СП

Откако се игра Светското клупско првенство во фудбал, со учество на сите континентални прваци, од 2000 година, ова ќе биде петти пат во финалето да не играат меѓу себе прваците на Европа и на Јужна Америка. Ал-Аин (ОАЕ), пак, е вториот домаќин на турнирот што се пласира во мечот за титулата. Првпат тоа се случи во 2016 година, кога јапонската Кашима загуби во финалето од Реал Мадрид (по продолженијата, со 2-4, откако до 60. минута Кашима водеше со 2-1), на турнирот што се играше во Јапонија. Од другите тимови што не се од Европа или од Јужна Америка, во финале играа и Раја Казабланка од Мароко во 2013 година и Мазембе од ДР Конго во 2010 година.