Македонската фудбалска репрезентација в четврток ја очекува вториот натпревар од Европското првенство. На Националната арена во Букурешт ќе играат поразените репрезентации од првото коло во групата Ц. Македонија загуби од Австрија со 1-3, а Украина од Холандија со 2-3.
На редовната прес-конференција на новинарите им се обрати фудбалерот на Лидс јунајтед, Езџан Алиоски.
– Горди сме на натпреварот што го одигравме против Австрија. Резултатот не беше добар за нас, но мораме да размислуваме позитивно. Се фокусираме на мечот со Украина, имаме време за закрепнување и ќе бидеме подготвени. Го анализираме противникот и треба да ги коригираме грешките од првиот натпревар. Треба да го играме нашиот фудбал, да веруваме во себе. Овој натпревар е како финале за нас, но и за Украина. Тактички треба да бидеме на ниво, но и да бидеме многу внимателни. Украина игра добар офанзивен фудбал. Постигнаа два гола против Холандија, влегуваат како фаворити на мечот и тоа е добро за нас. Имаме квалитет, ќе излеземе без страв и со верба во позитивен резултат. Точно знаеме што треба да подобриме и важно е да бидеме на ниво во текот на тие 90 минути. Имаме квалитет да постигнеме два гола, дури и да сме во негатива. Најважно е да веруваме во себе и во тимот – кажа Алиоски.