Имаме идеја, но мора да почекаме Извршниот комитет на УЕФА да ги потврди датумите. Мислам дека повеќето лиги ќе ја завршат сезоната, а оние што нема да го сторат тоа, тоа е нивна одлука, вели првиот човек на европската куќа на фудбалот, Александер Чеферин

ФУДБАЛ – АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА

Европската фудбалска унија (УЕФА) планира сезоната 2019/2020 да ја заврши во август, вклучувајќи ги и натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа, (ЛЕ), изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, пренесува „Ројтерс“.
Повеќето европски лиги беа суспендирани во март поради пандемијата на коронавирусот, но неколку лиги ги објавија плановите за рестартирање во наредните недели. Германската Бундес-лига продолжи во саботата, а Чеферин очекува најмалку 80 отсто од националните лиги да ги завршат сезоните.

– Имаме идеја, но мора да почекаме Извршниот комитет (ИК) на УЕФА да ги потврди датумите. Можам да кажам дека европската сезона ќе заврши, ако сѐ биде како што е сега, во август. Мислам дека повеќето лиги ќе ја завршат сезоната, а оние што нема да го сторат тоа, тоа е нивна одлука – рече Чеферин за „беИН спорт“, пренесе „Ројтерс“.
Во ЛШ и во ЛЕ допрва треба да се комплетираат осминафиналните натпревари. ПСЖ, кој беше прогласен за шампион во француската Лига 1, бара начини своите натпревари во ЛШ да ги игра во странство, откако француската влада соопшти дека ќе нема професионален спорт пред септември.

– ПСЖ и Лион ќе треба да организираат натпревари во Франција. Но ако тоа не е можно, ќе треба да ги играат на неутрални терени. Не гледам причина зашто француските власти не би им дозволиле да организираат натпревари без гледачи. Но тоа не е во моја надлежност – вели Чеферин.
Европското првенство (ЕП) 2020, кое требаше да се одржи во 12 града низ Европа, е одложено за следната 2021 година.

– Разговаравме со девет града и сѐ е договорено. Со три града имаме некои нерешени прашања. Затоа ќе продолжиме да разговараме и понатаму. Во принцип, планот е ЕП 2020 да се одржи во 12 града, но ако не е можно, подготвени сме да го сториме тоа во 10, девет или во осум града – рече Чеферин.