Азар, кој во Челси играше седум сезони, летово ќе се пресели во Реал Мадрид и според информациите ќе се приклучи на листата со трансфери од барем 100 милиони евра, на која од претходно се Нејмар, Мбапе, Кутињо, Роналдо, Дембеле, Погба и Бејл

Белгиецот Еден Азар, доскорашниот фудбалер на Челси, од следната сезона ќе настапува за Реал Мадрид, најтрофејниот европски клуб, кој за неговиот трансфер ќе плати 100 милиони фунти, плус уште десетина милиони (веројатно до вкупно 140 милиони евра) врз основа на разните бонуси за освоени трофеи, одиграни натпревари, постигнати голови и слично, јавија британски медиуми.

Азар (28) пристигна во Челси од францускиот Лил во 2012 година и во минатите седум сезони двапати триумфира во Премиер-лигата и во Лига Европа (ЛЕ) и по еднаш во ФА и во Лига купот на Англија. На 352-та меча за лондонскиот клуб Азар постигна 110 гола. Сезонава тој беше инволвиран при постигнувањето на 31 гол за „сините“ (16 гола и 15 асистенции), најмногу од сите во Премиер-лигата.

Со оваа зделка Азар ќе се најде на осмото место на листата најскапи трансфери во историјата на фудбалот, со вредност од 100 и повеќе милиони евра. Рекордер во оваа категорија е Бразилецот Нејмар, за кого ПСЖ на Барселона пред две години ѝ плати 222 милиони евра. Во вториот најскап трансфер повторно беше инволвиран ПСЖ кој пред две години го ангажира младиот француски репрезентативец, Килијан Мбапе од Монако за вкупно 180 милиони евра. Првата сезона Мбапе формално беше на позајмица во ПСЖ, а од лани е со активен договор.

Трет на оваа листа е Бразилецот Филипе Кутињо, кој во јануари 2018-та замина во Барселона од Ливерпул за 120 милиони евра, сума што теоретски може да достигне и до 160 милиони евра, со бонусите и клаузулите во договорот. Кристијано Роналдо (34), кој со Реал освои три титули првак на Европа по ред, лани се пресели во Јувентус за 117 милиони евра.

Младиот француски интернационалец, Осман Дембеле, блесна во дресот на Борусија Дортмунд пред три сезони. Потоа, во 2017-та, уследи трансферот во Барселона за 105 милиони евра, плус уште десетина милиони евра во бонуси, што беше огромна сума за 20-годишен фудбалер. Манчестер јунајтед трансферот на Пол Погба во 2016-та од Јувентус го чинеше 105 милиони евра. Погба претходно беше играч на Јунајтед, но како неперспективен беше пуштен да си оди како слободен играч, без обесштетување, во Јувентус. Велшанецот Герет Бејл, пак, може да се пофали со тоа дека е првиот фудбалер со трансфер од 100 милиони евра, во 2013-та, кога како играч на Тотенхем замина во Реал Мадрид.


И голманите и одбранбените играчи стануваат сѐ поскапи

Она што паѓа в очи е тоа дека на листата на најскапи фудбалери се само напаѓачи и плејмејкери. Зад нив на „пристојно“ растојание се голманите, од кои два трансфери лани предизвикаа големо медиумско интересирање. Станува збор за Кепа Аризабалага, за кого Челси на Атлетик Билбао му плати 80 милиони евра, што е светски рекорд за трансфер на голман. Веднаш зад него, на втората позиција, е Алисон Бекер, голманот на Ливерпул, чиј трансфер од Рома изнесуваше 62,5 милиони евра (тогаш рекорд, неколку дена пред трансферот на Аризабалага).

Меѓу одбранбените фудбалери засега најскап трансфер е оној на Холанѓанецот Вирџил Ван Дајк, кој во јануари 2018 година, од Саутемптон се пресели во Ливерпул за 84,5 милиони евра. Со оглед на фактот дека Бекер и Ван Дајк имаа огромен удел при освојувањето на титулата првак на Европа за Ливерпул, нема да помине многу време кога некој трансфер на голман, центархалф, дефанзивен играч за врска и бек ќе ја достигне фамозната бројка од 100 милиони евра.