Англиската златна генерација од фудбалери не успеа да го покаже својот целосен потенцијал, но белгиската има шанса да освојува трофеи, изјави капитенот на „црвените ѓаволи“ Еден Азар.
Халфот на Челзи е еден од лидерите на одличниот белгиски тим, полн со супер-ѕвезди од европските првенства, вклучувајќи ги Тибо Куртоа, Кевин де Бруин, Дрис Мертенс и Ромелу Лукаку.
Во почетокот на векот, по 2000-та година, Англија располагаше со фудбалери како Дејвид Бекам, Стивен Џерард, Френк Лампард, Мајкл Овен и други, но никогаш не успеаја да поминат четвртфинале на големо првенство.
– Златната генерација, кои вие во Англија ја имавте пред 10-15 години, не освои ништо. А сега мислам, и го кажуваме тоа на фановите, новинарите и на сите во Белгија, дека ние можеме да освоиме нешто. Ние сме златната генерација на Белгија – се обрати Азар кон новинари во Англија.
Белгија ќе игра токму против Англија во групата Г на 28 јуни, што е последниот меч од групната фаза. „Црвените ѓаволи“ го започнуваат Мундијалот на 18-ти јуни со Панама, по што ќе се соочат со Тунис.