Головите постигнати со рака, дури и случајно, или кога играчот при нивното постигнување асистирал со ненамерно играње со рака од сезоната 2019/2020 нема да бидат признавани, потврди Извршното тело задолжено за правилата на фудбалската игра (ИФАБ) при Светската фудбалска федерација (ФИФА).
– Намерното играње со рака и натаму останува прекршок. При донесувањето на измените повеќе се фокусиравме на исходот (од играњето со рака) отколку на намерата. Тоа особено се однесува на ситуации во напад, кога играчот добива јасна нефер предност при контрола на топката, како резултат на користење на раката – објаснува техничкиот директор на ИФАБ, Дејвид Елереј.
Според другите промени, играчите што ќе бидат заменети ќе мора да го напуштат теренот што е можно побргу, веднаш до најблиската линија, наместо како досега, да одат до средината на теренот кај четвртиот судија. Повеќе нема да биде дозволено присуство на играчи поблиску од еден метар до противничкиот жив ѕид при слободните удари. Кога во одредени ситуации топката ќе го погоди судијата и ќе го смени правецот, ќе се досудува „мртва“ топка. При шутирањето пенали голманот ќе може само со едната нога да гази на гол-линијата. Отсега и на тренерите ќе може да им бидат покажувани жолти и црвени картони (досега само усна опомена или исклучување со знак со рака).