Предлогот на ФИФА предвидува турнири секоја година, а не по едно издание на СП или на ЕП во четиригодишен циклус. Наместо постојните термини за квалификациските натпревари во септември, октомври, ноември и во март, се предлага едномесечен термин во октомври и во ноември

ФУДБАЛ

Десетина земји-членки на Европската фудбалска унија (УЕФА) ја разгледуваат опцијата за напуштање на Светската фудбалска федерација (ФИФА), како последно средство во борбата против играње светски првенства (СП) на две години, објави агенцијата Асошиејтед прес (АП). Плановите за зголемување на фреквенцијата на СП беа претставени од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во разговори со многу челни луѓе на 55-те земји-членки на УЕФА.
Зад сцената, до УЕФА веќе стигнуваат гласови од повеќе федерации, кои размислуваат да ја известат ФИФА за нивните намери да го повлечат членството, пишува АП, повикувајќи се на анонимни извори.
Нордиските федерации минатата недела соопштија дека се против планот.
– Доколу мнозинството во ФИФА одлучи да го усвои предлогот за СП на две години, нордиските фудбалски асоцијации ќе треба да ги разгледаат натамошните активности и сценарија што се поблиску до нашите фундаментални вредности отколку што претставува сегашниот предлог на ФИФА – се вели во заедничката изјава од Данска, Шведска, Норвешка, Финска, Исланд и од Фарските Острови.
Инфантино вели дека плановите ќе им помогнат на повеќе земји да се квалификуваат на финалниот турнир. Но поддршката за одржување СП на четири години доаѓа од нации како Финска и Фарските Острови, кои никогаш не се квалификувале на СП, пишува АП. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, ја најави можноста Европа да го бојкотира СП доколку Инфантино продолжи со радикалната ревизија на календарот. Предлогот на ФИФА предвидува турнири секоја година, а не по едно издание на СП или на ЕП во четиригодишен циклус.

Наместо постојните термини за квалификациските натпревари во септември, октомври, ноември и во март, Арсен Венгер, шеф за глобален фудбалски развој во ФИФА, фаворизира едномесечен термин во октомври и во ноември. Тоа би значело помали приходи од натпреварите, а истовремено создава неизвесност за тоа дали гледачите би сакале да гледаат натпревари во толку краток период. Згора на тоа, некои репрезентации би биле ослабени во квалификациите доколку во тој период останат без неколку клучни играчи поради повреди, пишува АП.
Заминувањето на некои земји од ФИФА би било невидена ескалација на спорот, што ќе го подели глобалниот фудбал. УЕФА е само една од шесте континентални конфедерации, но таа генерира повеќе готовина од ФИФА, која служи како чадор-организација што го надгледува фудбалот низ светот. ФИФА генерира околу шест милијарди долари во четиригодишен циклус, во споредба со 14-те милијарди на УЕФА од профитабилната Лига на шампиони, пишува АП.
– Студијата за оправданост за СП на две години уште не е завршена или презентирана. Сепак, се чини дека ФИФА се обидува да спроведе револуција без да може да ги објасни придобивките од тоа – пишува УЕФА.