Англискиот клуб во 1975 година беше 16-ти во Втората лига, следната година осми, во 1977 година како третопласиран обезбеди место во најсилната лига на Англија, една година потоа стана првак на таа земја, а во 1979 и во 1980 година ја освои европската шампионска титула

Вкупно 22 клуба од десет земји ја освоиле европската фудбалска титула, а приказната за двата трофеја на англискиот Нотингем форест е една од најинтересните. Во саботата требаше да се игра финалето на Лигата на шампионите за сезонава, но беше одложено поради пандемијата на коронавирусот, а на тој датум пред четири децении Нотингем форест го круниса неверојатниот шестгодишен раст, која го почна од долниот дел на табелата во Втората англиска лига, а го заокружи на врвот на Европа, двапати.
Во сезоната 1974/1975 Нотингем форест беше 16-ти во Втората лига, со 22 тима (шест бода повеќе од тимовите што испаднаа), сезона во која првак во таа дивизија беше Манчестер јунајтед, а играше уште еден подоцнежен европски првак, Астон вила. Тоа беше сезона во која во јануари 1975 година на клупата на Нотингем форест седна менаџерот Брајан Клаф, кој претходно беше англиски првак со Дерби и го предводеше до полуфиналето на Купот на шампионите (КЕШ) во 1973 година.

Во првата целосна сезона под Клаф, 1975-1976, тимот почна да се формира, а беше освоено осмото второлигашко место. Таа сезона победник беше Сандерленд, а играа и Челси, ВБА, Фулам… Пред сезоната 1976/1977, помошник на Клаф стана Питер Тејлор, со кого работеше во Дерби. Таа сезона Нотингем форест беше трет, но заедно со второпласираниот Челси и со првакот Вулверхемптон се пласира во најсилната лига на Англија.

Со тоа почна метеорскиот подем на клубот формиран во 1865 година. Во 1978 година тимот ја освои првата и засега единствена англиска титула, со што стана петтиот англиски клуб што станува првак веднаш по влегувањето од понизок ранг. Нотингем форест славеше со седум бода повеќе од тогашниот актуелен двоен европски шампион Ливерпул. За потврда на доминацијата во Англија следуваше победа токму над Ливерпул во првото коло на тогашниот Куп на шампионите, во дебито на најголемата европска клупска сцена, и тоа без примен гол (вкупен резултат 2-0). Потоа следуваа победите во дуелите со АЕК (7-2, осминафинале), Грасхоперс (5-2, четврт-финале) и со Келн (4-3, полуфинале), а за првиот европски трофеј беше совладан Малме, со 1-0, во финалето во Минхен.

Континенталната титула во 1979 година му овозможи на Нотингем форест да ја брани круната во следната сезона, откако во домашното првенство беше второпласиран (во тоа време во Купот на шампионите играа само прваците на земјите и актуелниот европски шампион). Во тие две домашни сезони (кога ја освои титулата и кога стана вицешампион), Нотингем форест врза 42 меча без пораз, англиски рекорд што го надмина Арсенал во 2004 година (со 49 средби).

Во сезоната 1979/1980, Нотингем форест, откако во меѓувреме го освои и Суперкупот на УЕФА (победа над Барселона со 2-1), на патот до втората континентална титула ги победи Естер (3-1, прво коло), Аргеш (4-1, осминафинале), Динамо Берлин (3-2, четврт-финале), Ајакс (2-1, полуфинале) и Хамбургер (1-0) во финалето во Мадрид (за Хамбургер играа и Манфред Калц, Кевин Киген, Иван Буљан, Феликс Магат, Хорст Хрубеш…).

Со триумфот во 1980 година се заокружи една фудбалска сказна на Нотингем форест. Со доаѓањето на Клаф во 1975 година, клубот почна со изградба на тим способен да ги предизвика најдобрите во Англија, а три години по назначувањето на еден од најдобрите тренери во Европа, Нотингем форест почна да освојува трофеи и до 1980 година двапати стана европски првак, еднаш победи во Суперкупот на УЕФА, освои една англиска титула, два трофеја во лига-купот на таа земја, еден суперкуп на Англија… 


Стандарден тим за двете титули

Осум фудбалери настапија и во двете европски финалиња за Нотингем форест, и тоа капитенот Џон Мекгаверн, потоа голманот Питер Шилтон (англиски рекордер со 125 меча за репрезентацијата), Џон Робертсон (асистент на голот во 1979 година, стрелец во 1980-та), Вив Андерсон, Лари Лојд, Кени Брнс, Ијан Бојер и Гери Биртлс. Во по едно финале играа Тревор Френсис (прв британски играч за чиј трансфер бил платен еден милион фунти, стрелец на победоносниот гол во финалето во 1979 година, не играше во мечот за титулата во 1980 година поради повреда), Френк Кларк, Тони Вудкок, Френк Греј, Мартин О`Нил, Гери Милс…


ШЕСТЕ ГОДИНИ НА НОТИНГЕМ ФОРЕСТ

ГОД.    УСПЕХ
1975    16. место во Втората лига на Англија
1976    8. место во Втората лига на Англија
1977    3. место во Втората лига на Англија
1978    првак на Англија
1979    првак на Европа
1980    првак на Европа