Во 137-то финале на ФА-купот, Челси го совлада Манчестер јунајтед со 1-0 со голот на Еден Азар

Челси, Антонио Конте и навивачите на лондонскиот клуб слават. Во 137-то финале на ФА-купот, најстарото светско фудбалско натпреварување, Челси го совлада Манчестер јунајтед со 1-0 (Азар 22, пенал). Пенал-голот на Азар, кој го играше 300-от натпревар во дресот на Челси, беше прв во едно финале на ФА-куп по 2004-та кога Руд ван Нистелрој го постигна вториот гол за Манчестер јунајтед на мечот против Милвол, 3-0.
За Челси тоа беше осми трофеј, колку што има и Тотенхем (поуспешни се само Арсенал со 13 и Манчестер јунајтед со 12 триумфи и рекордни 20 настапи во финалињата, колку и Арсенал. Седум од последните 10 победници во ФА-купот се клубови од Лондон (Челси четирипати, Арсенал трипати).

Жозе Мурињо и навивачите на Манчестер јунајтед тагуваат, а иронијата е во тоа што Челси победи со тактиката на Мурињо, односно со „паркираниот автобус во 16-те метри“ или бранењето со осум, девет играчи во поголемиот дел од мечот.
Конте на кого сите му прогнозираат дека ќе добие отказ од Роман Абрамович поради неиграњето во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона ќе игра во утешната Лига Европа (ЛЕ). Тој го освои првиот куп-пехар во кариерата во третиот обид, а претходно ги загуби куп-финалињата на клупата на Јувентус во 2012-та (пораз од Наполи) и лани со Челси (пораз од Арсенал).

– Јас сум сериски победник, го покажав тоа и во Англија. Го најдовме вистинскиот начин како да го освоиме овој трофеј. По две години во клубот многу добро ме познаваат. Моето минато зборува јасно за мене како играч и како менаџер. Јас не можам да се сменам и ако сакаат да продолжат да работат со мене, во ред. Мојата тренерска филозофија секогаш е иста – напорна работа и градење вистинско другарство меѓу играчите – изјави Конте по триумфот.
За Мурињо ова беше прв неуспех во едно куп-финале како менаџер на англиски клуб. Претходно тој ги доби сите шест меча, четири во Лига-купот, еден во ФА-купот и еден во ЛЕ. Тој не го криеше разочарувањето по мечот велејќи дека Челси не заслужил да триумфира.

– Им честитам, но мислам дека не ја заслужија победата, но таков е фудбалот. Челси играше ултрадефанзивно, ние не можевме да ја пробиеме нивната одбрана, а мене ме интересира што ќе биде напишано и кажано за ова бидејќи знам колку ќе бев критикуван доколку ние игравме така. Секој пораз боли, но не жалам бидејќи сторивме се што е до нас на овој меч – истакна Мурињо. 


Четврти пехар за Жиру, рекордер е Ешли Кол со седум

Французинот Оливие Жиру четврти пат во кариерата (на исто толку настапи) го освои ФА-купот. Претходно трипати во дресот на Арсенал, лани и во 2014 и 2015-та.
Со по четири пехари во ФА-куп можат да се пофалат и поранешните играчи на Челси, Франк Лампард, Дидие Дрогба, Џон Тери, Саломон Калу и Џон Оби Микел. Четворица играчи на Манчестер јунајтед, исто така имаат освоено по четири куп-трофеи, Рој Кин, Рајан Гигс, Пол Сколс и Гери Невил. Од Арсенал на листата со четири куп триумфи се Денис Бергкам, Сол Кембел и Лорен (три со Арсенал и еден со Портсмут).
Најуспешен со дури седум победи во ФА-купот е бекот Ешли Кол, четири во дресот на Челси и трипати на Арсенал. По пет триумфи во ФА-куп имаат Патрик Виеира (четири со Арсенал, еднаш со Манчестер сити) и Петр Чех (четири со Челси, еднаш со Арсенал) итн.