Партнерството со фудбалската компанија за статистика „Ин-стат“ ѝ овозможува на фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) да презентира ексклузивни анализи за техничките перформанси на тимовите од 35 европски домашни првенства. Фокусот на новата анализа се тимовите со најголем процент на посед на топката (пресметано од ефективно време за играње). Рекордната бројка од 78,7 проценти за сезонава била измерена за англискиот Фулам, на мечот со Милвол на 21 август, во дивизијата Чемпионшип.
Според ЦИЕС, пораз со најголем посед забележал Тотенхем од Њукасл. На тој меч на 25 август Тотенхем имал посед на топка од 74,8 проценти, а Њукасл победил со 1-0. Покрај Фулам и Тотенхем, на првите 10 позиции на оваа ранг-листа се Шахтер (на два гостувања), ПСЖ, Селтик, Борусија Дортмунд, Лудогорец, Партизан (исто така во меч на гости) и Салцбург. Анализирани се мечеви во периодот од 1 јули до 25 септември.