Поканата за годинава беше уште поголемо признание, бидејќи доаѓа токму од една англиска академија, а знаеме што значи Англија во светот на фудбалот. Веќе сега имам покана и за април в година, но за едно повисоко ниво, вели Ѓорѓи Христов, кој седум дена беше гостин-тренер во фудбалската академија на колеџот „Брук хаус“, подружница на Лестер
Кога во минатата година добив покана седум дена да бидам гостин-тренер во фудбалската академија на колеџот „Брук хаус“ од Англија, тоа беше голема сатисфакција за мене. Поканата за годинава беше уште поголемо признание, бидејќи доаѓа токму од една англиска академија, а знаеме што значи Англија во светот на фудбалот. Секако дека втората покана е потврда на добрата презентација од лани, но веќе сега имам покана и за април идната година, но за едно повисоко ниво, за подолг период, ни изјави Ѓорѓи Христов (42), некогашен фудбалски репрезентативен центарфор, сега директор на фудбалската академија на Вардар.
Тој лани и во почетокот на декември годинава беше гостин-тренер во фудбалската академија, која е подружница на премиерлигашот Лестер, во која членуваат околу 100 деца, на возраст од 12 до 19 години. Колеџот „Брук хаус“ се наоѓа во предградие на Лестер, во централна Англија, а е стар повеќе од 150 години. Фудбалската академија, пак, е формирана во 2008 година, а досега десетина некогашни студенти сега се професионални фудбалери (некои од нив заминуваа во Лестер, Бенфика, Нотингем форест…).
– Работата е интересна, но за мене таа е и во две насоки. Не само што го пренесувам моето знаење туку и јас истовремено учам од нив. Тоа е фудбалска академија со 14 терени со природна и два со вештачка трева, со кампус со капацитет од 200 деца, во кој тие живеат, учат, се хранат и фудбалски се едуцираат, со 24-часовен мониторинг. Од она што го видов лани, сега не можев да верувам колку може да има разлика во напредокот за една година. Тоа се темели и на еден развиен скаутинг-систем. Во академијата сега има неколку деца, за кои, според мене, само прашање е во кој премиерлигаш ќе заминат – вели Христов.
Некогашниот центарфор на Пелистер, Партизан, Барнсли, НЕЦ Најмехен…, објаснува дел од работата во тие седум дена во таа фудбалска академија од колепката на фудбалот.
– Има денови за кои точно се договаравме што сакаат да биде предавано, особено во работата со напаѓачите, нешто што многу добро ми е познато. Има и дел во кој, на пример, се обрнува внимание на тактичката подготовка. Тука се и теоретските предавања, па споредба на тоа што работат тие, а што работиме ние итн. Сето тоа е проблематика, развој на млади фудбалери, на која со години сум концентриран, во која си го најдов местото. Повеќе години работам, во Металург и во Вардар, период во кој ги поминувам сите скалила – рече Христов.
Христов од времето кога беше активен фудбалер е, секако, познат по головите, особено по едно ретко достигнување, од времето кога настапуваше во Холандија, кога постигна два хет-трика во период од четири дена. Сега има поинаква сатисфакција, откако е задолжен за развој на младинскиот фудбал.
– Различно е чувството, но еднакво убаво. По постигнат хет-трик, уживањето во оствареното трае неколку часа, до неколку дена потоа, а сега се работи за еден подолг период, во кој од ден на ден гледаш, се радуваш на она во кое на некој начин учествуваш, во изградбата на личности и на фудбалери – вели Христов.