Дванаесет европски клуба објавија дека ќе формираат суперлига, на што реагираа УЕФА, фудбалските асоцијации и врвните лиги во Англија, Италија и во Шпанија, ФИФА, Европската асоцијација на клубови, Здружението на фудбалски навивачи… Но и самата најава претставува можеби најзначаен потрес во модерната спортска историја
Големи, сеизмички потреси во европскиот клупски фудбал. Еден ден пред состанокот на Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА), на кој требаше да се формализираат промените и проширувањето на Лигата на шампионите (ЛШ) од 2024 година, 12 клуба објавија дека ќе формираат суперлига. Станува збор за англиските Арсенал, Челси, Тотенхем, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Ливерпул, за шпанските Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид и за италијанските Милан, Интер и Јувентус. Се најавува дека ќе им се придружат уште неколку клуба.
Веќе има силно противење од фудбалските асоцијации во матичните земји, од УЕФА и од Светската фудбалска федерација (ФИФА), како и од навивачите, па дури и од политичарите. Но и самата најава претставува можеби најзначаен потрес во модерната спортска историја.
УЕФА, заеднички со фудбалските асоцијации и со врвните лиги во Англија, Италија и во Шпанија, објави дека „како што претходно објавија ФИФА и шесте конфедерации, на засегнатите клубови ќе им биде забрането да играат во кое било друго натпреварување на домашно, европско или светско ниво, а на нивните играчи може да им биде ускратена можноста да ги претставуваат своите репрезентации“. ФИФА претходно веќе се изјасни дека нема да признае такво натпреварување и оти на сите вклучени играчи може да им се ускрати шансата да играат на Светско првенство, изрази „неодобрување“ на предложеното натпреварување и ги повика „сите вклучени во жестоките дискусии, на мирен, конструктивен и балансиран дијалог да разговараат за доброто на играта“.
Европската асоцијација на клубови (ЕКА) соопшти дека „се спротивставува силно“ на лигата, а Здружението на фудбалски навивачи објави дека плановите „не се мотивирани од ништо друго освен од цинична алчност“. Навивачките групи поврзани со шесте англиски клуба, исто така, се силно против суперлигата.
Зошто клубовите формираат суперлига? Затоа што сакаат и ќе добијат повеќе пари, на краток и на подолг рок. „Во замена за заложбите, клубовите-основачи ќе добијат 4,2 милијарди долари“, се вели, меѓу другото, во соопштението на клубовите.
Дел од парите што ги заработува УЕФА од ТВ-правата за емитување на мечевите во ЛШ ги дистрибуира до најуспешните клубови, но дел оди и кај помалите клубови и кај националните асоцијации низ целиот континент. Овие пари, пак, помагаат во одржување на спортот на основно и на професионално ниво во десетици земји.
Клубовите долго време тврдат дека тие се причината што милиони луѓе ја гледаат ЛШ и веруваат оти тие луѓе ќе ги гледаат и во новата лига, за што ќе можат да склучат попрофитабилен ТВ-договор. Критичарите тврдат дека ова ќе го десеткува европскиот фудбал на речиси секое ниво под суперлигата и ќе има ефекти што ќе му наштетат на овој спорт.
Според некои познавачи на состојбите, суперлигата нема да профункционира во скоро време поради разни причини. Најавата од 12-те клуба веројатно ќе доведе до жестоки преговори и може да се претвори во игра за моќ. Тие официјално не ја напуштија ЛШ, а неколку од нив треба да играат во полуфиналето наскоро. Можеби ќе се растури сегашниот модел на спортот, па суперлигата или некоја нејзина верзија ќе се реализира. Следните денови, недели и месеци ќе бидат интересни и на некој начин ќе ја одредат иднината на фудбалот.
Натпреварувачки формат на суперлигата
Најавената фудбалска супер лига ќе биде составена од 20 клуба, од кои 15 се основачи, кои нема да испаѓаат. Ќе постои механизам за квалификации за уште пет екипи на годишно ниво врз основа на постигнувањата од претходната сезона. Ќе има испаѓање и промовирање нови тимови врз основа на спортски заслуги, но нејасно е како ќе бидат избирани.
Натпреварите ќе се играат на средината од неделата, а сите клубови би продолжиле да се натпреваруваат во националните лиги, зачувувајќи го на тој начин традиционалниот календар за домашни натпревари.
Суперлигата би почнала на почетокот од август, а клубовите би биле поделени во две групи со по десет тима, со играње натпревари дома и на гости. Трите најдобри тима од двете групи автоматски ќе се пласираат во четврт-финалето. Четврто и петтопласираните тимови ќе разигруваат во плејоф (по два меча) за преостанатите две места во четврт-финалето. Потоа, во нокаут-фазата, со по два меча, ќе се решава кои два тима ќе играат во финалето на крајот на мај, на неутрален терен.
Стратев: Не сум за суперлига
Вооппшто не согласувам за формирањето суперлига меѓу елитни клубови во која во прв план е заработката, финансискиот момент. Таквото затворено натпреварување ќе загуби на интензитет, ќе ги снема изненадувањата, ќе нема влез за нови клубови, мислам дека и на публиката нема да ѝ биде интересно еднаш или двапати месечно, наместо годишно, да гледа на пример, „Ел класико“. Кој ќе оди да гледа мечеви на локално, национално ниво? Мислам дека фудбалот како игра, како спорт, се става во втор план, сигурно негативно ќе влијае врз помалите клубови, лиги, како сакате, кои во моментов работат главно со млади, создаваат идни врвни фудбалери, кои потоа ги продаваат и од тоа живеат. Ако не се инвестира на локално ниво, како што сега прави УЕФА, во терени, во инфраструктура и слично, ќе нема услови за нормална работа во многу фудбалски школи и академии низ светот, вели Зоран Стратев, фудбалски тренер, поранешен селектор, сега технички директор на младите национални селекции на Македонија.
Сетинов: Можнo е компромисно решение
Таква суперлига ќе им одговара на поголемите, богати клубови, а ќе биде на штета на помалите клубови и лиги, тоа им е јасно на сите. Сѐ се врти околу парите, околу тоа кој колку ќе заработи од вносните телевизиски и комерцијални договори, парите го движат модерниот фудбал, нема враќање назад. Но нема да биде изненадување доколку двете страни, тие што заговараат вакво затворено натпреварување, и УЕФА, се договорат, бидејќи и проширената Лига на шампиони со 36 тима е слична, со гарантиран број натпревари, учесници, практично без испаѓање итн., вели Драги Сетинов, поранешен фудбалер на Вардар и на сплитски Хајдук.
Христовски: За бизнисот добро, за фудбалот не
За фудбалскиот бизнис, за богатите клубови, суперлигата е добра затоа што ќе им донесе уште повеќе пари. Но за фудбалот како спорт мислам дека не е добро. За клубовите од Македонија, како и за другите од „помалите“ земји, тоа ќе биде лошо, тие ќе немаат никаква шанса да се сретнат со некој познат, трофеен клуб. Па и за гледачите, нив и онака сѐ помалку ги има на стадионите, сега ќе ги снема, бидејќи ќе нема шанса да видат некој подобар тим, поквалитетни фудбалери во живо. Сѐ ќе се сведе на гледање фудбалски натпревари на телевизија, вели Драган Христовски, поранешен фудбалер на Брегалница, Вардар, Црвена звезда и тренер на повеќе македонски клубови.
Михајлов: Ќе се уништи традицијата
Лично не сум за суперлига. Зошто да се ограничува само за најбогатите? Да, фудбалот е глобален бизнис, но вака ќе се уништи традицијата, а ќе бидат фрлени во втор план клубови што имаат и традиција и освојувале трофеи, кои иако се со помали буџети, значат нешто во европскиот фудбал и воопшто во светот на фудбалот. Ако евентуално се формира таква лига, гледањето кај обичниот фудбалски љубител ќе биде ограничено на неколку земји, а другите ќе бидат неми набљудувачи на случувањата, вели некогашниот фудбалер, а сега тренер Горазд Михајлов.