Фудбалскиот клуб Љуботен од Тетово на 28 март ќе прослави 100 години од формирањето
Да се доживеат и да се преживеат 100 години, да се опстои цел еден век, на кој било план, не е мала работа, и е за почит, просто за неверување. Македонскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово на 28 март ќе прослави 100 години од формирањето. Македонскиот фудбалски пиреј, гордоста на Тетово, успеа да ги надмине сите премрежиња, Втората светска војна, промената на името (кратко), неколкупати да биде и на работ на згаснување, но, сепак, да продолжи да опстојува, да потклекне, но никогаш да не се предаде.
– Ех, низ што сѐ нема поминато ФК Љуботен во минатото, видел повеќе лоши отколку добри работи. Последното големо искушение му се случи во 1996 година, кога испадна од Првата лига на Македонија, тогаш како сите да кренаа раце од клубот. Требаше да се игра во Втората лига, а останаа само седум фудбалери. Нема пари за такси, нема играње, затворени врати во клубот. „Ни умре Љуботен“, просто плачеа тогашните клупски челници. Ние, навивачите и луѓето што го сакаа клубот решивме да помогнеме, да собереме пари, да се плати што треба, а тоа беа сегашни 500-600 евра.
И некако успеавме да го истуркаме првенството. Испаднавме, но го спасивме клубот од расформирање – вели нашиот соговорник, Мирко Видоески, кој повеќе од две децении е генерален секретар (од 2007 до 2014-та и претседател) на најстариот клуб во Македонија, ФК Љуботен.
Како опстојува во овие времиња Љуботен, кој моментно се натпреварува во Третата лига?
– Борба за гол живот, колку да се одржи клубот. Сѐ е на грбот на неколкумина, ентузијасти, на чело со претседателот Перо Јовановски. Инаку, во некои минати времиња пред, 40-50 години, во поранешна СФР Југославија, Љуботен имаше стабилни финансиери. Со декрет го помагале фирми како „Деликатес“, „Жито Полог“, кој уште постои, половина играчи таму биле вработени. Тогаш Љуботен имал и своја томбола, а колку пари се вртеле сведочи и фактот дека во една пригода, од томболата, Љуботен му позајмил пари на „Деликатес“ за да им даде плати на вработените – зборува Видоески, за сегашната состојба и за, можеби, најубавите периоди од постоењето на клубот.
А, како настанал ФК Љуботен пред 100 години?
– ФК Љуботен е формиран на 28 март 1919 година од група тетовски гимназијалци. Тогаш имало некое културно младинско друштво, здружение, со фолклорна и со драмска секција. На страна, на маргината, со молив било напишано дека се формира фудбалски клуб, поточно фудбалска секција. Но, отпрвин немале име, само „тетовско младинско друштво“. Потоа машките се собрале и се договориле клубот да се вика Љуботен, мислеле дека тоа е највисок врв на Шар Планина, секако најмаркантен, како симбол на Тетово, но и на Македонија. Прв претседател бил Јован Марковски, познат и како „доктор“ бидејќи студирал медицина, но не ја завршил, и кој умре на длабока старост, на 95 и повеќе години. Во јули 1922 година било одржано и првото клупско собрание, а во првиот управен одбор биле Симо Момировски, Никола Павловски-Бутика, Стеван Јовановски, Момчило Ќириќ, Александар-Цане Поповски и Крсто Димитриевиќ – објаснува Видоески.
Натпреварите во минатите 80 години, од 1938-та па до пред некоја година, Љуботен ги играше на сегашниот, стар, сега во распаѓање, Градски стадион во Тетово. Натпреварите сега ФК Љуботен ги игра на теренот со вештачка трева на АМС во Тетово, но и во Брвеница, комбинирано. Во клубот нема подмладок, но двајца тренери работат со седумдесетина пионери на возраст од 8 до 14 години. Во Љуботен функционира и женски фудбалски клуб, со над триесетина девојчиња.
„Златна значка“ од ФСЈ, заедно со Хајдук и со Бачка
На спортски, резултатски план Љуботен не може да се пофали со некакви позабележителни успеси. Главно настапувал во Првата лига на Македонија, со променлив успех, а една сезона играше и во тогашната Трета лига на поранешна СФРЈ. Во ФК Љуботен се горди на „златната значка“ што ја добија по повод 60-годишнината од формирањето на тогашниот Фудбалски сојуз на Југославија (ФСЈ), во 1979 година. Таква значка, освен Љуботен добија само уште два клуба, по еден од Србија, Бачка од Суботица, и од Хрватска, Хајдук.
Познати фудбалери и тренери
Во долгата историја дресот на ФК Љуботен со успех го носеле повеќе познати фудбалери, подоцна тренери и функционери. Така, за Љуботен играле, меѓу другите, Баже Лазаровски, Спирко Маринковски, Алексо Мацков, Зоран Стратев, Бошко Јовановски, Неџмедин Синаним, Душко Милисављевиќ, Драган Поповски, Доне Треневски, Боро Николиќ, Бошко Матовски, Исмаил Сулејмани (рекордер според бројот на одиграни натпревари), Илија Ико Атанасовски, браќата Зоран, Борче и Горан Јованоски, Жарко Серафимовски, Љубимир Рајчевски, Петар Гошев (две сезони), Душан Кечан, Душко Томиќ, Драган Веселиновски, Харун Иса, Тони Јакимовски, Драган Томовски, Ѓоко Хаџиевски, Перица Груевски, Мирко Петров, Трајче Стојкоски-Пинго и многу други. Тренери биле Јово Никушев, Мирослав Червенски, Никола Илиевски, Часлав Божиновски, Драгољуб Гаге Митревски, Ќатип Османи итн.
Ревијалeн меч со Хајдук, ветераните на Ц. звезда или на Вардар?
По повод прославата на 100-годишнината од формирањето на ФК Љуботен се планира ревијален меч со првиот тим на сплитски Хајдук, кој е еден од наjстарите фудбалски клубови од просторите на поранешна СФР Југославија (формиран е во 1911 година), во Тетово. Веќе е договорен меч со ветераните на Црвена звезда, со Драган Џаиќ, Јован Аќимовиќ, Владимир Петровиќ, Дарко Панчев, Илија Најдоски и други. Како варијанта е и одигрување натпревар со Вардар, исто така, во Тетово. Издавањето на планираната монографија по повод 100-годишнината ќе причека подобри времиња, односно кога ќе се обезбедат 7-8.000 евра.