ФУДБАЛ – ПОРТУГАЛИЈА

Секој што ќе пристигне на Азорите, острови во Атлантски Океан, околу 1.400 км од брегот на Португалија, мора да помине 14 дена задолжителен карантин, па наместо тимовите да патуваат на островот, клубот ќе тренира и ќе ги игра своите пет преостанати домашни мечеви во близината на Лисабон

Враќањето на фудбалот по паузата предизвикана од коронавирусот нема да биде лесно, а еден врвен португалски клуб најави дека кога ќе продолжи првенството во таа земја, своите домашни натпревари ќе ги игра околу 1.400 км оддалечен од дома, оти ќе треба да игра на терените во седиштето на Португалската фудбалска федерација (ПФФ), во близината на Лисабон, пишува „Би-би-си“.
ФК Санта Клара од Азорските Острови е принуден да го направи овој потег поради ограничувањата во време на пандемијата на коронавирусот. Секој што ќе пристигне на Азорите, група мали острови во Атлантски Океан, околу 1.400 км од брегот на Португалија, мора да помине 14 дена задолжителен карантин.

Наместо тимовите да патуваат на островот, клубот ќе тренира и ќе ги игра своите пет преостанати домашни мечеви во близината на Лисабон, во седиштето на ПФФ, оддалечен со лет од 2 часа и 25 минути, заради „потребата да се заштити јавното здравје“. Сезоната во Португалија треба да продолжи на 4 јуни, а моментно Санта Клара е 10-та на табелата, со 30 бода.
Исто така е договорено и Белененсес, со седиште во Лисабон, да игра во седиштето на Португалската фудбалска федерација, поради тешкотиите во спроведувањето на строгите хигиенски правила на нивниот стадион, пишува „Би-би-си“.