Во таа шпанска репрезентација имаше само еден играч со поголемо меѓународно искуство – јас. Но ќе истакнам дека тоа беше тим, а не збир на врвни играчи и таа тимска игра и дух беа клучен елемент за нашиот триумф, рекол Суарез, кој на ЕП 1964 ја контролираше играта, беше полн со самодоверба, за што сигурно придонесе и освојувањето на титулата првак на Европа со Интер и победата над Реал со 3-1 неколку недели претходно

Второто Европско првенство во фудбал, во 1964 година, уште под името Куп на нациите, се одржа во Шпанија, Мадрид и во Барселона. Форматот остана ист, со квалификации и финален турнир со четири репрезентации. Но успехот на првото издание во 1960 година значеше дека бројот на земји-учеснички се зголеми од 17 на 29, а меѓу нив беа Италија и Англија.

Во 1960 година Шпанија беше дисквалификувана откако генералот Франко не дал дозвола да се игра дуелот против СССР во четврт-финалето. По четири години политичките несогласувања беа заборавени и фудбалот беше во центарот на вниманието. На завршниот турнир покрај домаќинот Шпанија и СССР, настапија и Унгарија и Данска. Шампион стана Шпанија, која го совлада бранителот на титулата, СССР, со 2-1 во финалето пред 80.000 гледачи на стадионот „Сантијаго Бернабе“ во Мадрид. Во мечот за третото место, Унгарија беше подобра од Данска, со 3-1.

Најдобар во победничкиот тим, во кој недостигаше тогаш пензионираниот Алфредо ди Стефано, како и Франциско Хенто и Луис дел Сол, кои имаа недоразбирања со селекторот Хозе Вилалонга, беше играчот од средниот ред, Луис Суарез. Тој ја контролираше играта, беше полн со самодоверба, за што сигурно придонесе и освојувањето на титулата првак на Европа со Интер и победата над Реал Мадрид со 3-1 неколку недели претходно. Тој беше добитник на „Златната топка“ на „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер на Европа за 1960 година (како играч на Барселона), интернационалец беше 15 години, со 32 настапи за Шпанија и 14 постигнати голови. „Генералот“ во средниот ред со потекло од покраината Галиција, подоцна беше селектор на Шпанија на Светското првенство (СП) во 1990 година во Италија.

Европското фудбалско првенство годинава во 12 земји е јубилејно, на 60-годишнината од првото, одржано во 1960 година. До почетокот на 16-от шампионат, „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување

– Во таа шпанска репрезентација имаше само еден играч со поголемо меѓународно искуство – јас. Тогаш бев највозрасниот играч (29 години) и веќе играв во странство. Но ќе истакнам дека тоа беше тим, а не збир на врвни играчи и таа тимска игра и дух беа клучен елемент за нашиот триумф. Подоцна играв во други, многу поквалитетни шпански селекции, но со ниту една не забележавме каков било позначаен успех. Не треба да се заборави и на тоа дека имавме голема поддршка од навивачите, тие се идентификуваа со нас и многу ни помогнаа – се потсетуваше подоцна Суарез.

Лав Јашин на 34-годишна возраст повторно беше на голот на СССР и повторно беше избран меѓу најдобрите 11 на шампионатот, во кој имаше уште еден репрезентативец на СССР, тројца од Унгарија и шестмина од Шпанија. Една година порано, во 1963-та, Јашин ја доби „Златната топка“ за најдобар фудбалер на Европа, со што е единствениот голман со вакво признание досега.


ПОЛУФИНАЛЕ
Шпанија – Унгарија 2-1
СССР – Данска 3-0
МЕЧ ЗА ТРЕТО МЕСТО
Унгарија – Данска 3-1
ФИНАЛЕ
Шпанија – СССР 2-1