Арсов по потреба играше на сите позиции, од последен човек во одбраната до најистурен играч во нападот. Со Брегалница трипати ја освојуваше шампионската титула во МФЛ. Убави години поминати и во прилепска Победа

Секој град, пошироко и регион, си има спортски асови што оставиле трага во оној спорт со кој се занимавале. Некои од нив ги надминале локалните граници и со својот квалитет се вивнале во височините, кои се резервирани за вистинските асови. Таков е примерот и со штипската фудбалска легенда Стојан Арсов. Тој уште од појавата на фудбалскиот терен веќе најави дека во него се крие голем потенцијал. И навистина беше така. Околу популарниот Чичо, таму некаде од неговите фудбалски почетоци во 1960-тите години, па до крајот на кариерата, се вртеа сите успеси врзани со Брегалница.

Ако некој играч беше роден за фудбал, тоа беше токму тој. Арсов импресионира со својата игра, борбеност и храброст, а особено ќе остане запаметен како сестран фудбалер, кој можеше да одговори на сите задачи. Тренерот слободно можеше да го постави на последната одбранбена позиција и да биде сигурен дека Арсов нема да киксне, исто како што можеше да го постави на најистурената позиција во шпицот на нападот и во секој момент од него да очекува да постигне гол. Дури и оние љубители што ја следат Брегалница од дамнешни времиња не можат да кажат дали тој беше подобар во одбраната или во нападот. Со еден збор, Чичо беше способен да ја одигра секоја улога што ќе ја добие. Токму во тоа беше неговата големина, тренерите секогаш можеа да сметаат на него, особено кога поради повреда ќе отсуствуваше некој од клучните играчи. Арсов беше тука да заигра на неговото место и секогаш да даде максимален придонес во играта. Таквите играчи тогаш, па и сега, беа вистинска реткост, тие беа богатство за секој тим.

Стојан Арсов, кој беше прогласен за фудбалер на векот на Штип, има интересна приказна за своите почетоци.

– Од маалското играње, стигнав до првиот тим на Брегалница и дебито го имав во 1963 година во МФЛ, против Караорман во Струга. Стружани во тоа време имаа одличен тим, во кој меѓу другите беа Баута, Ѓоргоновски и Негриевски. Загубивме со 1-2 и малку бев разочаран. Затоа, пак, потоа дојдоа три средби и три победи, кои многу ме охрабрија. Прво го совладавме Напредок, бев стрелец на еден гол, потоа Металец, за кој настапуваше и Мечкаров, кој потоа имаше одлична кариера во Вардар. Третата средба, всушност, беше куп-натпревар со лутиот ривал Беласица. Славевме со 3-0, а јас ги постигнав сите голови. Има уште еден натпревар на кој ги постигнав сите голови, четири, против Југококта – вели Арсов.

ТЕЖОК ПАТ ДО ВТОРОЛИГАШКОТО ДРУШТВО

Во првата година откако стандардно заигра за сениорскиот тим на Брегалница, штипјани беа први во МФЛ и добија шанса да играат квалификации за пласман во Втората лига. Тоа се случи во 1964 година. Но таа година и квалификациските мечеви со ОФК Титоград засекогаш ќе се паметат и по несреќата што ја доживеаја фудбалерите на Брегалница на патот кон тогашен Титоград (сега Подгорица).
– Првата средба во Штип ја добивме со 1-0, стрелец беше Бордош. Но на одење на реванш-мечот, автобусот со кој се возевме, во близината на Мурино во Црна Гора се преврте. Јас, по неколкуте превртувања, излетав низ прозорецот и веднаш со уште неколку играчи, иако имавме повреди, почнавме да им укажуваме помош на соиграчите и на членовите на управата. Меѓу потешко повредените беше човекот што со сето срце ја сакаше Брегалница – Караколев (татко на познатиот фудбалски судија Ванчо Коцев). Го извлековме до патот и со првото возило што наиде веднаш беше префрлен во болница. За жал, повредите беа од потешка природа и во текот на ноќта тој почина. Сите бевме во шок, не можевме да веруваме дека загубивме еден голем човек, кој дури и животот ѝ го посвети на Брегалница – се сеќава Арсов.

Реваншот се одигра по 10 дена. Овој пат фудбалерите отпатуваа со автомобили, но екипата беше хендикепирани поради неиграњето на охриѓанецот Војче Спасовски, кој имаше повреда на клучната коска.

– Тој беше стандарден и стравувавме дали ќе има адекватна замена за него. Иако натпреварот беше тежок, до 86-та минута сѐ одеше во наша корист. Тогаш примивме гол и пеналите требаше да го решат прашањето за тоа кој ќе биде новиот второлигаш. За наша среќа, на голот го имавме извонредниот Ефремов. Тој беше вистински јунак на мечот, одбрани дури три пенали – вели тој.

Така, Брегалница се пласира во второлигашкото друштво, во кое првиот натпревар ѝ беше во Срем, екипа за која тогаш бранеше легендарниот Драган Мутибариќ.
– Покрај популарниот Муто, кој подоцна имаше блескава кариера во Вардар, за Срем играа Брзиќ и Савиќ, кои подоцна станаа стандардни првотимци на прволигашот Војводина. Првата средба ја загубивме, но затоа подоцна го победивме Борац во Чачак, а само три дена подоцна пред нашите гледачи го совладавме тимот на Будуќност со 3-2. Победоносниот гол го постигна Боро Миладинов. Но подоцна, во Брегалница се создадоа повеќе струи, што негативно се одрази во клубот. И покрај тоа што имавме одлични и квалитетни играчи, почнаа да се носат играчи од страна, најмногу од Србија, па, така, се загуби онаа хармонија во екипата што беше создавана претходните години. Сето ова резултира со испаѓање од Втората лига – рече тој.

НАЈМЛАД КАПИТЕН И ПЕНАЛЏИЈА

По две години, Брегалница повторно се врати во Втората лига, и тоа повторно преку квалификациите со истиот противник ОФК Титоград. Овој пат штипјани многу полесно се изборија за второлигашкиот статус. По поразот со 1-0 на гостувањето, во реваншот славеа со 3-1. Тоа беше нова радост и нова шанса за докажување на поранешните југословенски простори.

– Иако во периодот кога играв во тимот имаше постари и поискусни фудбалери, сепак, мене ми припадна честа да ја носам капитенската лента. Така станав најмладиот капитен на Брегалница. Истовремено, иако имаше неколку добри изведувачи на удари од белата точка, најмногу по заслуга на тренерот Каранфиловиќ станав и прв пеналџија – вели Арсов.

Во следните второлигашки години Брегалница беше многу посигурна и често се наоѓаше меѓу водечките тимови на второлигашката табела. Стојан Арсов кон крајот на 60-тите и во почетокот на 70-тите години од минатиот век имаше блескави игри, а двапати беше номиниран меѓу 10-те најдобри фудбалери во Македонија. Тогаш доаѓаа понуди од повеќе клубови, меѓу кои и од Вардар и од нишки Раднички.

ИЗБОРОТ ПАДНА НА ПОБЕДА

Отсекогаш на младите и талентирани фудбалери од Македонија желба им беше еден ден да заиграат за Вардар. Тоа го посакуваше и Арсов, но што се случи?
– Сакав да потпишам договор со Вардар, но Брегалница бараше големо обесштетување (околу пет милиони тогашни динари), па, така, трансферот пропадна. Потоа, во 1971 година, тренерот Пуриќ ме одведе во Раднички. Таму имав добра понуда, но не ја прифатив, зашто за мене се заинтересира и прилепска Победа. Што е најинтересно, прилепчани ми го понудија истото тоа, дури и нешто повеќе од Раднички, но не за четири, туку за две години. Веќе не се колебав, заминав во Победа и мислам дека не погрешив. Одиграв две незаборавни сезони, кои секогаш ќе ги паметам. Во тие години на голот на прилепчани стоеше легендарниот Истатов – продолжи Арсов.
Од настапите за Победа, популарниот Чичо или Џали, често го нарекуваа и така и вака, покрај многуте одиграни средби, сепак се сеќава на две.

– Против ФАП долго време беше 0-0. Во финишот Митрев изведе корнер, а јас со глава од 16 метри биев прецизно и постигнав победоносен гол. Дури и најдобриот играч на ФАП, кој претходно имаше убава кариера во Партизан, Хасанагиќ, дојде да ми честита за моето ремек-дело, како што рече тој. Вториот натпревар беше против Обилиќ, тим од близината на Приштина. Тренерот Анески не можеше поради повреда да смета на услугите на Глигороски, па мене ме прекомандува во нападот. Тогаш постигнав три гола, а конечниот резултат беше 6-0 за нас. Така, иако бев познат како столб на одбраната на Победа, играјќи на позиција на центархалф (така велевме тогаш), на мечот со Обилиќ ги демонстрирав и моите голгетерски квалитети – вели тој.

ВРАЌАЊЕ ВО СТАРОТО ЈАТО

И како што често бидува, кон крајот на кариерата фудбалерите се враќаат онаму каде што ја почнале кариерата. Истото тоа се случи и со Арсов, кој по двете одлични години во Прилеп, доаѓа во родниот Штип. Повторно, како во минатото, без пари, зашто секогаш му велеа „ти си наше дете“.

– Интересно е што за „нашето“ дете никогаш немаше пари за потпис на нов договор, а за оние што доаѓаа од страна немаше проблем, си го добиваа договореното. Но што можев да правам, кога љубовта кон Брегалница од раното детство беше многу голема. По враќањето, ја освоивме и третата титула првак на Македонија и повторно станавме второлигаши. Две години играв во второлигашките натпревари од 1976 до 1978 година, кога конечно поради чести повреди во 32-та година од животот го одиграв прошталниот меч против Работнички. Тука беше крајот на активното играње, но не и крајот на мојата фудбалска кариера. Потоа продолжив како тренер на младите категории во Брегалница, а во три наврати бев и шеф на стручниот штаб. Во периодот од десет години, како тренер на младите категории низ мои раце поминаа многу фудбалери, кои подоцна направија убави кариери – вели тој.

Стојан Арсов не го заборава и дружењето со легендарниот штипјанец Драгослав Шекуларац, кој, за жал, неодамна почина. Благодарение на Шеки, во Штип гостуваа бразилскиот Хувентуд и избраниот тим на славниот Еузебио. На двата меча, Арсов беше меѓу најдобрите.

Ете, така изгледаше фудбалскиот пат на штипската легенда Стојан Арсов, кој својот од по фудбалските терени го круниса со големото признание да биде прогласен за фудбалер на векот на Штип.


ЛИЧНА КАРТА
Роден: во 1945 година во Штип
Кариера: Брегалница и Победа
Тренерска кариера: трипати шеф на стручниот штаб на Брегалница и тренер на младите категории
Успеси: фудбалер на векот на Штип, три титули првак на Македонија и одиграни 500 натпревари за Брегалница и 80 за Победа. Постигнати 100 гола, три настапи за аматерската репрезентација