ФУДБАЛ

Можно е Барселона и Наполи да не играат на „Камп ноу“?

Од Европската фудбалска унија (УЕФА) потврдуваат дека е можно реванш-мечот од осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ), Барселона – Наполи (во првиот меч на 25 февруари беше 1-1) да не се игра на стадионот „Камп ноу“ во Барселона, поради новите случаи на заразени од ковид-19 во Каталонија.
– УЕФА би сакала тој натпревар да се игра во Барселона, но е претпазлива и внимателно ја следи ситуацијата, а ако биде потребно, ќе бара алтернативно решение – посочи потпретседателот на УЕФА, Микеле Ува.
Појавата на позитивни случаи на ковид-19 во Барселона и во околината доведе до локални забрани и препорака до жителите да останат во домашна самоизолација две недели.
Наполи треба да ѝ гостува на Барселона на 8 август, а УЕФА се надева дека мечот ќе се одигра, зад затворени врати.
– Барселона – Наполи? Наполи официјално ќе оди да игра во Барселона, освен ако во меѓувреме не стигне некаква забрана да се игра во Шпанија. Се надеваме дека нема да се случи тоа и оти реваншите ќе се играат во градовите каде што треба. Очигледно има и резервни решенија – изјави Ува за италијанското радио Пунто нуово.
Споед планот Б, речиси е сигурно дека мечот би се играл во Португалија, во Лисабон, каде што УЕФА веќе ги закажа четвртфиналните и полуфиналните натпревари, како и финалето, сите во август.
Другите реванш-дуели од осминафиналето се Јувентус – Лион (прв меч 0-1), Баерн – Челси (3-0) и Манчестер сити – Реал Мадрид (2-1). Л.Д.


Меси собори и голгетерски и асистентски рекорд во Шпанија

Лионел Меси постигна два гола на мечот Барселона – Алавес (5-0) во последното коло сезонава во шпанската фудбалска Ла лига, вкупно 25 гола (на 33 натпревари), четири повеќе од напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема. На тој начин Меси ја освои седмата, рекордна „златна копачка“, или трофејот „Пичичи“ за најдобар стрелец во Шпанија, четврта по ред, со што го надмина славниот Телмо Сара од Атлетик Билбао, кој шест пати бил прв стрелец на Лигата во 40-тите и 50-тите години од минатиот век.
Меси постави и нов рекорд во Лигата според бројот на асистенции, 21, една повеќе од својот поранешен соиграч Чави пред 11 сезони.
Иако повторно е најдобар стрелец, за Аргентинецот Меси ова се најмалку постигнати голови по 11 години, кога постигна 23 гола. Првпат по 12 години се случува најдобриот стрелец да постигне помалку од 30 гола. Во сезонава 2007/2008 играчот на Мајорка, Даниел Гуиза, имаше 27 погодока (но ниту еден од пенал).
– Сега ни треба малку одмор, малку да си го расчистиме умот во оваа мала пауза помеѓу натпреварите. Претходно веќе реков дека треба да бидеме повеќе самокритични. Ништо повеќе не треба да се каже, сега треба да се покажеме на теренот – им одговори Меси на новинарите на прашањето за подготовките за реваншот (прв меч 1-1) со Наполи дома, во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), во почетокот на август. Л.Д.