Манчестер сити во соработка со „Сони“ сака да влезе во виртуелниот свет и да привлече нови навивачи. Големите компании и спортските клубови сѐ повеќе навлегуваат во метаверзумот, каде што виртуелното земјиште се продава за милиони долари. Манчестер сити не е единствениот спортски клуб што навлегува во растечкиот метаверзум
Актуелниот првак на Англија во фудбал, Манчестер сити, се здружи со јапонскиот електронски гигант „Сони“ за да создаде метаверзум, виртуелна верзија на својот стадион „Етихад“. Станува збор за простор во виртуелната реалност во кој корисниците ќе можат да комуницираат со компјутерски генерирана околина и со други корисници. Сити сака да влезе во виртуелниот свет и да привлече нови навивачи. Големите компании и спортските клубови сѐ повеќе навлегуваат во метаверзумот, каде што виртуелното земјиште се продава за милиони долари. „Сити го ангажира ‘Сони’ за виртуелен партнер со намера заедно да создадат глобална онлајн заедница на навивачи во рамките на виртуелниот стадион ‘Етихад’“, според соопштението на „Сони“, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Виртуелниот стадион ќе биде идентичен на стадионот на Сити и ќе нуди виртуелни искуства, приспособливи аватари, како и интерактивни програми за лојалност.
– Ние во Манчестер сити имаме силно педигре на постојано прифаќање на најновите технологии за подобрување на нашето работење, со посебен фокус на истражувањето на начините за вклучување и за забава на нашата глобална навивачка база.
Ова партнерство со Сони го става Сити во фаза на развој на возбудлив проект што ќе создаде извонредни дигитални искуства за навивачите што досега не биле видени во фудбалот. Со нетрпение очекуваме да ја почнеме соработката и да ги споиме водечките технологии на „Сони“ во индустријата со глобалната мрежа на навивачи на Сити – вели Нурија Таре, главен директор за маркетинг и за искуства на навивачите на Сити.
Манчестер сити не е единствениот спортски клуб што навлегува во растечкиот метаверзум. Во САД, Националната фудбалска лига (НФЛ) неодамна отвори виртуелна продавница како дел од видеоиграта „Роблокс“, надевајќи се дека ќе има корист од сѐ поголемата побарувачка во дигиталниот простор. Производителот на спортска облека „Најк“ го создаде „Најкленд“, виртуелен свет на „Роблокс“ кон крајот на ноември.
Метаверзум се однесува на низа онлајн 3Д виртуелни средини, каде што луѓето можат да играат игри, да градат работи, да се дружат, да работат, па дури и да тргуваат и да заработуваат криптосредства. Криптогигантот „Грејскејл“ во извештајот објави дека може да стане збор за годишен приход од еден трилион долари, пренесува „Бизнис инсајдер“. Парцела на гејмерската платформа „Санблокс“ неделава беше продадена за рекордни 4,3 милиони долари. Со тоа беше соборен рекордот што претходно го држеше „Метаверзум груп“, подружница на Токенс.ком, за купување парцела од 2,43 милиони долари во „Децентраленд“, друга виртуелна платформа, пишува „Бизнис инсајдер“.