Баерн сезонава постигна 40 гола, рекорд по 11 кола во Бундес-лигата, а вкупно има 100 погодока годинава. Келн во 1977 година постигна 101
ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА
Баерн му го нанесе првиот пораз сезонава на Фрајбург (досега имаше шест победи и четири ремија), со 2-1 и се зацврсти на лидерската позиција во германската фудбалска Бундес-лигата со 28 бода, со девет победи, по едно реми и пораз и со вкупна гол-разлика 40-11. Тие 40 гола за Баерн се рекордни по 11 кола во Бундес-лигата.
За Томас Милер, кој му помогна на Леон Горецка при постигнувањето на водечкиот гол за Баварците, тоа беше осма асистенција сезонава. Роберт Левандовски, стрелецот на вториот погодок, го постигна 60-от гол на 50 натпревари во 2021 година, за Баерн и за репрезентацијата на Полска. Тој има 20 гола на 19 натпревари против Фрајбург, на секој од последните шест средби.
– Тој го адаптира својот стил на игра. Во времето на Борусија Дортмунд беше цврст, неверојатно стабилен. Сега тој игра поколективно, помеѓу противничките линии и е неверојатно тежок за чување. Тој има неверојатна динамика кога влегува на нафрлените топки. Мило ми е што не морам повеќе да зборувам за него, туку што можам да разговарам со него, тоа е многу попријатно отколку обратно – вели тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман.
Фудбалерите на Баерн стигнаа до бројката од 100 гола во 2021 година, втор тим што постигнал 100 погодока во Бундес-лигата во една календарска година, по Келн, кој во 1977 година постигна 101 гол. Годинава во Бундес-лигата треба да се одиграат уште шест кола.
Тренерот на Фрајбург, Кристијан Штрајх, 300-ти пат беше на „жешката клупа“, или 3.600 дена, на мечеви во Бундес-лигата, сите со Фрајбург. Тој е најстариот тренер во моментов во лигата со 56 години. Нагелсман е најмладиот, со 34 години.