Според анализата на ЦИЕС, во 2010 година потребната просечна сума по клуб во петте најсилни лиги била 67 милиони евра, а сега е 161 милион. Во истиот период, во Англија сумата пораснала од 126 на 326 милиони евра
За осум години сумата потребна за да се состави тим во клуб од најсилните пет домашни фудбалски првенства во Европа се зголемила за речиси два и пол пати, и таа сума сега изнесува во просек 161 милион евра, објави во својата анализа Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС).
Според анализата на ЦИЕС, во 2010 година потребната просечна сума по клуб била 67 милиони евра, што значи дека секоја година потоа цената на еден тим растела просечно за околу 11,7 милиони евра. Во истиот период, сумата за да се состави тим во англиски премиерлигашки клуб пораснала од 126 милиони на 326 милиони евра (годишен скок од околу 25 милиони евра).
На листата на ЦИЕС за актуелните состави води Манчестер сити, со потрошена речиси една милијарда евра за составување на тимот, а тоа е најголемата сума изброена за некој тим, велат од ЦИЕС.
Од учесниците во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава, од петте најсилни лиги (Англија, Италија, Франција, Германија, Шпанија), т.н. „петка“ има 19 екипи, најевтин тим има Хофенхајм со 100 милиони евра, а потоа се Лион со 141, Шалке со 179, Рома со 295, Наполи со 296, Атлетико со 330, Монако со 331, Интер со 339, Валенсија со 258, Борусија Дортмунд со 264, Баерн со 380, Тотенхем со 393, Реал Мадрид со 447, Јувентус со 532, Барселона со 691, Ливерпул со 705, Манчестер јунајтед со 786, ПСЖ со 788 и Манчестер сити со 976 милиони евра.
Најголем скок во потрошувачката во период од една година е забележан кај Ливерпул, од 437 на 704 милиони евра, велат од ЦИЕС.