Пари Сен Жермен со два гола за 149 секунди успеа да направи пресврт за да ја совлада Аталанта со 2-1, по водството кое италијанската екипа го имаше се до 90-та минута од возбудливиот четвртфинален меч во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), одигран вечерва во Лисабон.
Марио Пашалиќ го отвори резултатот во 27-та минута, по што Нејмар главно се обидуваше преку индивидуални акции (имаше 16 успешни дриблинзи) да им донесе израмнување на „светците“.
Францускиот првак имаше иницијатива, но без резултат наспроти борбената игра на противникот. Така беше се до 90-та минута кога Маркињос израмни на 1-1 по асистенцијата на Нејмар, за ПСЖ да дојде до триумф по акцијата на Килијан Мбапе и на стрелецот Ерик Чупо Мотинг, кои влегоа во игра во вториот дел.
На тој начин заврши учеството на Аталанта во ЛШ, во кое италијанската екипа успеа да стигне меѓу најдобрите осум екипи откако ја почна групната фаза со три порази.
ПСЖ е во полуфиналето на ЛШ првпат по сезоната 1994-1995, а таму ќе се сретне со подобриот од утрешниот меч помеѓу Атлетико Мадрид и Лајпциг. Во преостанатите четвртфинални дуели играат Барселона – Баерн (петок) и Манчестер сити – Лион (сабота). Сите средби се играат во Лисабон.