Бразил – Белгија е третата четвртфинална двојка на Светското првенство (СП) во фудбал, по триумфите во осминафиналето над Мексико (2-0), односно над Јапонија (3-2). Синоќа се комплетира четврт-финалето, со мечевите Шведска – Швајцарија и Колумбија – Англија.
Бразилците, најтрофејниот светски првак, со пет титули, кои седми пат по ред се меѓу најдобрите осум на СП, релативно лесно ја поминаа пречката наречена Мексико. Со оваа победа „кариоките“ ја продолжија и победничката низа од осум победи на деветте меча против репрезентации од Северна Америка на СП. Мексиканците, пак, седми пат во низа се елиминирани во оваа фаза, убедливо најмногу од која било селекција.
На СП 2018, кое добива многу позитивни оценки, како нов додаток беше крајно возбудливиот меч на Белгија и Јапонија, со отворена игра, многу голови, шанси, големи пресврти и гол за победа на 15 секунди пред крајот на мечот, откако 15 секунди претходно Јапонија имаше одлична шанса со удар од 30 метри.
Белгијците потешко од очекувањата, со голот на Насер Чадли на петнаесетина секунди пред крајот на натпреварот (се играа вкупно 94 минути), успеаја да ја елиминираат Јапонија, која до 69. минута водеше со 2-0. Белгија е деветтата репрезентација што постигнува гол во последната минута на ова СП. За споредба, на последните пет СП беа постигнати вкупно 10 гола во завршната минута од мечевите.
Белгија е и првата репрезентација по 52 години што успеа да направи пресврт, и негативата од два или повеќе гола да ја претвори во триумф по 90 минути игра. Португалија во четврт-финалето на СП 1966 година во Англија, по првите 45 минути на мечот против Северна Кореја губеше со 0-3, но на крајот победи со 5-3. Белгија е и првата репрезентација во историјата на елиминациските мечеви на СП, чии двајца резервисти по влегувањето во игра постигнуваат голови (Марун Фелаини и Насер Чадли). Но Белгија не успеала да ја зачува мрежата на последните 12 нокаут-меча на СП и примила дури 28 гола, податок што треба да ги загрижи пред мечот со Бразил, в петок.


Нејмар е „четири во едно“ – погаѓа, асистира, креира и прима удари

Еден од најзаслужните за триумфот на Бразил над Мексико на Светското првенство во фудбал во Русија во понеделникот беше Нејмар, стрелец на првиот и асистент при постигнувањето на вториот гол (досега има вкупно осум гола на мундијалите). Тој беше инволвиран во постигнувањето на 20 гола (11 погодока и девет асистенции) на последните 19 натпревари за Бразил, репрезентација што има најмногу голови во историјата на СП, 228, два повеќе од Германија. На СП во Русија, Нејмар упати најмногу удари, 23, од кои 12 во рамките на голот, и учествуваше во создавањето 16 шанси за гол, најмногу од сите. Но Нејмар беше цел и на многубројни критики поради претераното превиткување откако беше згазнат врз зглобот од Мигел Лајун, кој, патем, не доби ниту жолт картон од судијата, Италијанецот Џанлука Роки.