Вечерашниот меч против Аталанта на „Месталја“, Валенсија ќе го игра без публика (можно е и некои други реванши од осминафиналето), а УЕФА ги суспендира и ракувањата меѓу фудбалерите и судиите пред средбите, по препорака од Светската здравствена организација за да се минимизира потенцијалниот пренос на коронавирусот

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ОСМИНАФИНАЛЕ

Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), вечерва и утревечер, ќе се играат четири осминафинални реванш-натпревари од кои два, вечерашниот Валенсија – Аталанта и утрешниот во Париз, ПСЖ – Борусија Дортмунд, ќе се играат пред празни трибини поради опасноста од коронавирусот и препораките од француските, италијанските и од шпанските власти. Европската фудбалска унија (УЕФА) го суспендира и традиционалното ракување меѓу фудбалерите и судиите пред натпреварите по препорака од Светската здравствена организација (СЗО) за да се минимизира потенцијалниот пренос на коронавирусот.
Празни стадиони не се новина во ЛШ, но досега тоа обично беше поради изречени казни за недолично однесување на навивачите.

Аталанта има голема предност од првиот натпревар (4-1) и е пред пласман во првото четврт-финале во дебито во ЛШ. Шпанскиот тим ќе биде без помошта од навивачите, откако дојде забраната во обид да се забави ширењето на коронавирусот со ограничувања за мечевите во кои се инволвирани италијански тимови. Истата мерка ќе се однесува и на дуелот Барселона – Наполи, на 18 март.
По првиот меч против Валенсија, Аталанта одигра само еден натпревар поради прекинот на италијанското првенство. Тоа беше натпреварот против Лече на 1 март и триумфот со 7-2, трет меч сезонава на кој Аталанта постигнува седум гола. Аталанта е најефикасен тим во Серија А со 70 гола на 25 натпревари, 10 повеќе од кој било друг тим.

Ако Аталанта, која европските натпревари сезонава ги играше во Милано, на стадионот „Сан Сиро“, се пласира во четврт-финалето, неизвесно е каде ќе го игра следниот меч, бидејќи Милано и Бергамо се под карантин што го воведе италијанската влада поради вирусот.
Лајпциг го изненади Тотенхем на првиот меч во Лондон совладувајќи го со 1-0 и имајќи го предвид тој резултат, како и неиграњето на повредените напаѓачи Хари Кејн и Сон Хјунг-мин, ланскиот финалист во ЛШ ќе има тешка задача.