Реал, кој освои четири титули од 2014 до 2018 година, по пауза од две години повторно е меѓу осумте најдобри, а Манчестер сити четврта сезона по ред е во оваа фаза од натпреварувањето и сезонава е во трка по четири трофеи
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Реал Мадрид и Манчестер сити без поголеми проблеми ги поминаа осминафиналните пречки и се пласираа меѓу најдобрите осум тима во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Реал, кој освои четири титули од 2014 до 2018 година, ја елиминира Аталанта, победувајќи ја со 3-1 (во првиот меч беше 1-0), и по пауза од две години повторно е во четврт-финалето. Реал 36-ти пат е меѓу најдобрите осум тима во ЛШ, или поранешниот Куп на шампионите, најмногу од сите. Баерн има 30 пласмани во четврт-финалето.
– Најважно е што одиме понатаму. Покажавме дека овој тим има квалитет, мотиви и желба да продолжи да победува. Ние сме способни да стигнеме многу далеку – изјави играчот за врска Лука Модриќ, пренесува „Би-би-си“.
Карим Бензема го постигна 70-от гол во ЛШ, и има еден помалку од Раул и два од Роберт Левандовски. На оваа листа водат Кристијано Роналдо со 134 гола и Лионел Меси со 120 погодока. Стрелец за Реал Мадрид беше и Серхио Рамос, за него 15-ти гол, еден помалку од Роберто Карлос, рекордерот меѓу одбранбените играчи. Зинедин Зидан на 49-от меч во ЛШ ја забележа 30-та победа. Поуспешни од него се само Јуп Хејнкес и Пеп Гвардиола, кои до 30-та победа дошле по 42, односно 48 меча.
Манчестер сити ја совлада Борусија Менхехгладбах со 2-0, како и во првиот натпревар, и четврта сезона по ред е во четврт-финалето. Сити победи на 24 од претходните 25 меча во сите натпреварувања (загуби еднаш). Од ремито со ВБА, 1-1, на 15 декември, 24-те победи на Сити се седум повеќе од кој било друг тим во петте најдобри европски лиги. Сити има шанси да стане и првиот англиски тим што освоил четири трофеи во една сезона, во ЛШ, Премиер-лигата, ФА-купот и во Лига-купот.
Со двата гола против Борусија, Манчестер сити ја надмина границата од 100 гола осма сезона по ред во сите натпреварувања. Само Манчестер јунајтед девет сезони по ред, од 2004/2005 до 2012/2013, има подолга ваква серија меѓу англиските тимови.
– Ја контролиравме играта од почетокот на мечот. Среќни сме што сме во следната фаза, а одлична работа е што сите се здрави и што можеме да ротираме шест или седум играчи. Ако сакате да се бидете успешни во сите натпреварувања, треба да бидете свежи. Сезоните се долги, а ние не сме имале една недела одмор од октомври лани – изјави менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола.
Утре ждрепка без носители
Пласман меѓу најдобрите осум тима во фудбалската Лига на шампионите сезонава обезбедија Реал М., Манчестер сити, Борусија Д., Порто, Ливерпул и Пари Сен Жермен. Синоќа играа Баерн – Лацио (прв меч 4-1) и Челси – Атлетико (прв меч 1-0). Ждрепката на четвртфиналните и на полуфиналните двојки ќе се влече утре напладне и нема ограничувања за тоа кој тим против кого ќе игра. Четврт-финалето треба да се игра од 6 до 14 април.