Рамос од саботата е шпански фудбалер со најмногу настапи и осми во светот, престигнувајќи го голманот Касилјас. Водечки фудбалер од Европа според бројот на настапи е уште еден голман, Буфон, со 176 меча за Италија

Серхио Рамос го презеде водството од Икер Касилјас како фудбалер со најмногу настапи за Шпанија, откако на мечот од 7. коло од квалификациите за Европското првенство го забележа 168-от настап за 14 години во репрезентацијата, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“.

Рамос сега е осми на светската листа, а во Шпанија зад него се Касилјас (167), Чави (133), Андрес Иниеста (131), Андони Зубизарета (126), Давид Силва (124), Серхио Бускетс (115), Чаби Алонсо (114), Фернандо Торес, Сеск Фабрегас (по 110), Раул Гонзалес, Џерар Пике (по 102) и Карлес Пујол (100). Покрај тоа, Рамос има и 46 меча како капитен, влегувајќи во елитната листа на лидери на репрезентацијата.

Во продолжение неколку играчи со најмногу настапи за други репрезентации:
Германија: Со настапи на пет светски првенства, Лотар Матеус е Германец со најмногу настапи, 155. Германија има 12 играчи со над 100 настапи, а Тони Крос (94 меча) и Мануел Ноер (90 настапи) се доближуваат до таа група.
Бразил: Напаѓачкиот фудбал го дефинира Бразил, но поранешниот дефанзивец на Кафу (142 меча) е на врвот на списокот со настапи за Бразил. Роберто Карлос има 125, а Дани Алвеш моментно има 116. Нејмар се приклучи на „клубот 100“, во кој има вкупно седум члена.

Португалија: Португалскиот фудбал има ера пред и по дебито на Кристијано Роналдо, пишува „Марка“. Тој веќе е рекордер според настапи за својата земја (161) и рекордер за постигнати голови (94). Луис Фиго (127 меча) и Коуто (122 средби) се следни на листата на која има шест со по 100 меча.

Англија: Питер Шилтон беше број 1 на Англија во 80-тите и во 90-тите години од минатиот век и неговиот рекорд е 125 меча. Џордан Хендерсон и Рахим Стерлинг се на врвот на актуелните репрезентативци со по 54 меча, Англија има девет играчи што играле повеќе од 100 пати.
Италија: Следната цел за Рамос е Џанлуиџи Буфон, со неговите 176 натпревари, 40 повеќе од следниот италијански играч Фабио Канаваро. Аѕурите имаат седум играчи со 100 натпревари за Италија. Леонардо Бонучи има 91 меч и најверојатно ќе стане осми член на овој клуб.
Франција: Лилијан Турам ја носеше сината маица 142 пати, зад него на листата со 123 е Тиери Анри и со 116 е Марсел Десаи. Уго Лорис одигра 114 меча, а Франција има вкупно седум со 100 натпревари за репрезентацијата. Оливие Жиру ќе биде следниот, бидејќи има 94.

Аргентина: Лионел Меси има 136 натпревари за својата земја, но ги има Хавиер Занети (145 меча) и Хавиер Масчерано (147 средби) пред него. Аргентина има шест играчи со повеќе од 100 натпревари.
Уругвај: Седуммина Уругвајци се во „клубот 100“, но Диего Годин со 133 е рекордер. Макси Переира има 125 меча за Уругвај, а Фернандо Муслера 115.
Холандија: Дени Блинд е лидер од сегашните играчи со 67 меча, но тој е далеку од рекордерот Весли Снајдер, со 134 настапи за Холандија. Холанѓаните имаат седум играчи со 100 или повеќе настапи, а последен границата ја помина Робин ван Перси.
Белгија: Актуелните играчи Јан Фертонген (117 меча), Еден Азар и Аксел Витсел (по 103) се играчи со најмногу настапи за Белгија. Првиот има три пријателски меча, кои ФИФА не ги признава, а другите двајца имаат по еден.


НАЈМНОГУ НАСТАПИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Ахмед Хасан Египет 184
Мохамед Ал-Деајеа С. Арабија 178
Клаудио Суарез Мексико 177
Џанлуиџи Буфон Италија 176
Бадер Ал-Мутава Кувајт 173
Ахмед Мубарак Оман 173
Хосам Хасан Египет 170
Иван Хуртадо Еквадор 168
Серхио Рамос Шпанија 168
Виталијс Астафјевс Летонија 167
Икер Касилјас Шпанија 167