Тренирам секојдневно, а од УЕФА ми се јавуваат, прашуваат како сум, што правам, како се одвиваат тренинзите и слично. Секоја седмица од УЕФА добиваме материјали, снимки од натпревари, ситуации, да гледаме, да учиме, да одговараме, вели Ивана Пројковска, која е во првата категорија судии на Европската фудбалска унија

ФУДБАЛ – СУДИИТЕ ВО ПОЛНА ФОРМА ГО ЧЕКААТ ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА СЕЗОНАТА

Фудбалот во Европа и во Македонија мирува, фудбалерите индивидуално, во импровизирани услови, за време на пандемијата на коронавирусот, се обидуваат да ја одржат формата за евентуалното продолжување на суспендираната сезона. Но, за разлика од нив, за фудбалските судии „нема зима“, иако не судат на натпревари. Тие тренираат секојдневно, за одржување на општата физичка подготвеност, но и за подобрување на теоретското знаење.

– Нема одмор за мене, секојдневно трчам по десетина километри, различни делници, од 100, 200 до 400 метри, по неколкупати, со различен интензитет. Возам и велосипед по дваесетина километри, навистина сум во одлична форма, можеби и во подобра од повеќето фудбалери, ха, ха. Потоа вежбам и дома, според специјална програма. Станува збор за комбинирани вежби, за различни делови на телото, во траење од 40 до 45 минути, со мали паузи. Севкупно, супер е, само ми недостигаат натпреварите – вели Ивана Пројковска, која е во првата категорија судии на Европската фудбалска унија (УЕФА).

Пројковска вели дека е пријатно изненадена од вниманието што го добива од УЕФА, од стручните служби задолжени за арбитрите.
– Постојано сум во контакт со нив, ми се јавуваат, прашуваат како сум, што правам, како се одвиваат тренинзите и слично. Покрај тоа, секоја седмица добиваме материјали, снимки од натпревари, ситуации, да гледаме, да учиме, да одговараме. Минатата недела стануваше збор за прекршоци, да или не, дали некој е за жолт или за црвен картон, ние треба да процениме. За неделава би требало да бидат офсајд-ситуациите. Треба да одговориме на пет ситуации, поточно да ги заокружиме точните одговори и да им ги вратиме назад.

Кога добиваме натпревар за анализа, во тој случај треба да наведеме дали судијата исправно ги донел или погрешил во одлуките, како и точки за подобрување за во иднина. Интересно е, се учи и на ваков начин, во ситуација кога не може да се патува, да се присуствува на семинари, да се суди на мечеви – вели Пројковска.

Пројковска лани беше главна судијка на финалето на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки до 19 години во Шкотска, помеѓу Франција и Германија. Судеше и на еден меч во Лигата на шампионките и на два во квалификациите за ЕП 2021 за жени. Добитничка е и на признанието од Фудбалската федерација на Македонија за 2019 година за придонес во афирмацијата на македонскиот фудбал. Л.Д.