Една година подоцна фудбалот во Јужна Америка повторно се соочува со истото прашање, каде ќе се игра финалниот меч во Копа Либертадорес?
Минатата година, од безбедносни причини, Ривер Плата и Бока Јуниорс реваншот го одиграа во Мадрид. Како стојат работите и оваа година завршниот меч во Копа Либертадорес би можел да биде одигран на европска почва.
Оваа година за првпат во историјата победникот ќе биде решен во еден натпревар. За титулата оваа година ќе се борат Ривер Плата и Фламенго на 23 ноември.
КОНМЕБОЛ за домаќин го одреди Сантијаго де Чиле, но бидејќи во Чиле секојдневно се одржуваат протести од Федерацијата се загрижени за безбедноста.
– Ме загрижува ситуацијата во Чиле. Се надеваме дека се може да се реши по мирен пат, поради нивната земја и нивниот народ, а и поради нас за да бидеме сигурни каде ќе играме – рекол тренерот на Ривер Плата, Марсело Галјардо.
Влезниците за финалето, акредитациите за медиумите, резервациите за хотелите сето тоа е веќе завршено пред да започнат големите протести во Чиле.
Протестите започнаа пред две недели поради зголемувањето на цената на билетите за метрото во главниот град.
Демонстрантите бараат и зголемување на платите и пензиите, подобрување на состојбите во здравството и образованието. Најавите се дека протестите ќе траат се додека претседателот Себастијан Пињера не поднесе оставка.
И покрај ваквата ситуација од чилеанската влада истакнале дека финалето на Копа Либертадорес ќе се игра во Сантијаго де Чиле.
Како и да е КОНМЕБОЛ имаат уште 22 дена ја решат целата ситуација, која не зависи само од нив.