ФУДБАЛ

Бундес-лигата ќе биде првата од петте најквалитетни лиги во Европа што ќе се рестартира. Сите клубови минатата недела ја поминаа во карантин, одејќи од хотел на тренинг и назад, со редовни тестирања за коронавирусот, како превентива пред продолжувањето на сезоната

Со денешното дерби од 26-то коло, Борусија Дортмунд – Шалке (15.30 часот), по двомесечна пауза продолжува суспендираната сезона во германската фудбалска Бундес-лига поради пандемијата на коронавирусот. Бундес-лигата ќе биде првата од петте најквалитетни лиги во Европа што ќе се рестартира, чекор што следниот месец треба да го следат англиската Премиер-лига, шпанската Ла лига и италијанската Серија А. Во француската Лига 1 нема да се доиграат натпреварите сезонава. Германците планираат шампионатот да заврши најдоцна до 30 јуни, но ако е неопходно е можно да продолжи и во јули.

Сите клубови минатата недела ја поминаа во карантин, одејќи од хотел на тренинг и назад, со редовни тестирања за коронавирусот, како превентива пред продолжувањето на натпреварите што ќе се играат пред празни трибини, дома и на гости, со можни промени, односно користење неутрални стадиони од безбедносни причини.

Ќе има вкупно по 213 лица на стадионите, 98 околу теренот (вклучувајќи играчи, тренери, децата што ќе ги враќаат топките на терен и фотографи) и уште 115 на трибините (официјални лица и претставници на медиумите). Околу 100 други лица ќе бидат распоредени надвор од стадионот заради превентива и заштита. На теренот се забранети ракувањата меѓу играчите, групното славење, плукање, ќе нема тимско фотографирање…

Клубовите ќе имаат право на по пет замени на натпреварите, како што неодамна дозволи Одборот на Интернационалната фудбалска асоцијација (ИФАБ) и кои ќе можат да ги направат во три термини на мечот, како и на полувремето. Потврдено е дека ќе има испаѓање од Лигата доколку се комплетира, но нејасно останува што ќе се случува доколку од која било причина, како здравствени и други причини, не се доиграат натпреварите.

Клубовите се обидуваат да бидат креативни и бараат начини за подобрување на атмосферата на празните стадиони. Еден од тие начини, по моделот на Динамо Брест од Белорусија, се картонски силуети на навивачите на трибините. Борусија Менхенгладбах објави дека веќе распродала околу 20.000 такви „картони“ (капацитетот на стадионот е 59.724 места) по 19 евра, а собраните пари ќе бидат наменети за борбата против коронавирусот. За колку-толку да ги намали загубите Унион Берлин, пак, со поддршка на навивачите, се решил на друг чекор. Тие преку интернет им нудат виртуелно мени за работи што вообичаено ги купуваат кога доаѓаат на натпреварите.


Можност за ТВ-пренос со снимена бучава

Бундес-лигата има најголема просечна посетеност од која било фудбалска лига во светот (43.300 по натпревар). ТВ-компанијата „Скај“ најави дека на гледачите ќе им овозможи натпреварите да ги следат со снимена бучава од публика, вклучувајќи и пеење. Покрај тоа постои опција натпреварите да се следат и со природен звук, што веројатно ќе се состои од извици на играчите и на тренерите на празниот стадион.