Прашањата за испаѓањето, за четирите најдобри екипи и за титулата мора да бидат решени со одигрување на преостанатите мечеви или според математичка формула заснована на одиграните средби и освоените бодови. Поништување на сезоната не доаѓа предвид, пишува „Индепендент“

ФУДБАЛ

Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија им порача на клубовите во Премиер-лигата дека сезоната 2019/2020 мора да се реши на „спортски начин“. Тоа значи дека прашањата за испаѓањето од лигата, за четирите најдобри екипи и за титулата мора да бидат решени со одигрување на преостанатите натпревари од сезонава или според математичка формула заснована на одиграните натпревари и освоените бодови. Поништување на сезоната воопшто не доаѓа предвид, објави „Индепендент“.
На состанокот на Премиер-лигата било разговарано и за евентуален прекин на сезоната, но тоа, сепак, е само план за исклучителни ситуации, бидејќи примарна цел е да се доиграат натпреварите. Од Владата е побарано да ја преиспита можноста да се користат домашните стадиони, иако мнозинството клубови немаат ништо против играње на неутрални стадиони.

– Јасно е дека сите би сакале да играат дома и на гости, ако е можно. Тоа е тековен дијалог и многу работи ќе зависат од развојот на ситуацијата со коронавирусот – изјави главниот извршен директор на Премиер-лигата Ричард Мастерс.
Сево ова значи дека шесте последнопласирани тима ќе мора да ги доиграат преостанатите мечеви, без оглед на условите, бидејќи во спротивно би се соочиле со математичката формула што не би им одела во прилог. Таа група клубови беше обединета во противењето за играње на неутрални стадиони. На крајот ФА утврди само две можности: да се доигра сезоната или да се реши на друг, математички начин.

Нова тензија евентуално би можела да претставува математичката формула што би се користела во случај сезоната да не се доигра. Премиер-лигата би можела да употреби различни модели, кои би имале различни исходи. Ако се примени формулата за чисто освоени поени по натпревар, на пример, Борнмут ќе испадне. Ако, пак, поинаку се вреднуваат освоените бодови по натпревар, дома и на гости, тогаш Вест Хем би испаднал.