Во финалето на 21. СП во Русија, Франција ја совлада Хрватска со 4-2
Заврши 21. Светско првенство (СП) во фудбал во Русија. Франција е новиот светски првак во фудбал, вторпат во историјата (по 1998-та), со триумфот над Хрватска со 4-2, за која ова е најголем успех (беше трета на СП 1998). Бронзата на СП 2018 ја освои Белгија, по победата со 2-0 против Англија.
Лука Модриќ, капитенот на Хрватска, ја доби „златната топка“ наменета за најдобриот фудбалер на СП, а Французинот Килијан Мбапе беше прогласен за најдобар млад фудбалер. Англичанецот Хари Кејн е првиот стрелец на Мундијалот со шест гола, а францускиот селектор Дидие Дешам стана третиот (1998 и 2018), по Бразилецот Марио Загало (1958 и 1970) и Германецот Франц Бекенбауер (1974 и 1990), што ја освојува титулата како фудбалер и како селектор.
Финалето на СП 2018 во Москва (стадион „Лужники“, гледачи 78.011) беше најефикасното по она на СП 1958, Бразил – Шведска (5-2), а Французите се првите, по Бразил во 1970 година и мечот против Италија, 4-1, што во финалето постигнуваат четири гола.
Фудбалскиот спектакл долго ќе се прераскажува и ќе се памети по многу работи, по головите, по упадот на повеќемина „навивачи“ на теренот, но и по неколкуте контроверзни судиски одлуки (на главниот, Аргентинецот Нестор Питана и на ВАР), кои имаа огромно влијание на исходот на мечот. Тука, пред сѐ, се мисли на прекршокот над Антоан Гризман во 18-та минута што не постоеше и што добро се гледа на повторената снимка, на 20 метри од голот на Хрватска, по што Франција го постигнаа водечкиот гол, како и за, според многумина, престрого досудениот пенал за Франција во 38. минута.
ВАР првпат беше во употреба на едно СП, имаше големо влијание на исходите на повеќе натпревари, а мислењата на стручњаците се поделени. Како и да е, спротивставени мислења ќе има, но факт е дека Франција заслужено ја освои титулата, со крајно прагматична игра, базирана, пред сѐ, на цврста одбрана, да се зачува својата мрежа, а потоа преку контри и прекини на играта (слободни удари, корнери, па и пенали) да се постигне гол. Така функционираа на натпреварите во групната, но и во нокаут-фазата, тоа им донесе позитивен резултат и нова титула.
Потребен е одреден вид цинизам за да се триумфира на СП, велат некои. Никој не сака да го признае тоа, но дури и најдобрите стигнуваат на врвот затоа што не губат, а не затоа што победуваат. Дешам беше капитен на Франција во 1998 година при освојувањето на првата титула, и од почетокот сфати дека ризикот од елиминација е многу голем и оти треба да се избегне по секоја цена. Поука за него и за неговите избраници беше поразот во финалето на Европското првенство (ЕП) во 2016 година во Франција, од Португалија (0-1).
Во финалето на СП 2018 „триколорите“ имаа 34-отстотен посед на топката, наспроти 66-те на Хрватите, двојно помалку упатени удари во гол, 7/14 (додуша Франција повеќе во рамките на голот, 6/4), изведоа само два корнера (Хрватите шест), но она што е најбитно постигнаа четири, а примија два гола.
Дешам ја погоди добитната комбинација. Одбраната дејствуваше непробојно, со Уго Лорис на голот, бековите, младиот Бенжамин Павар и Лукас Хернандез, како и централните одбранбени играчи Самуел Умити и Рафаел Варан. Од голема помош им беа подефанзивно ориентираните играчи за врска Нголо Канте, Пол Погба и Блез Матуиди. Откако ќе се одбранеа, главна цел им беше да се проиграат брзите напаѓачи, веројатно идната голема ѕвезда Килијан Мбапе и Антоан Гризман. Со таква игра ги елиминираа Аргентинците, Уругвајците, Белгијците и во финалето Хрватите.
Како се освојува титула?
За тоа дека Французите не измислија ништо ново, кога станува збор за прагматизмот, освен што го кренаа на повисоко скалило, потврда се неколкуте минати завршни турнири на светските првенства (СП) во фудбал. На СП 2014, Германците ги декласираа Бразилците во полуфиналето (7-1) и Португалците во воведниот меч (4-0), но на другите натпревари не беа доминантни, а во финалето во продолжението ја совладаа Аргентина, која, исто така, не пленеше со својата игра. Во 2010-та Шпанија со веќе митската игра тики-така, четирите меча во нокаут-фазата ги доби со по 1-0. Во 2006-та, Италија се провлече во осминафиналето против Австралија со голот постигнат во 95. минута, а во финалето ја доби Франција на пенали. На СП 2002, Бразил играше напаѓачки, но не брилираше, и на некои мечеви имаше доста среќа. На СП 1998, Французите во финалето го „растурија“ Бразил (3-0), кој четири години претходно, во 1994-та во пенал-рулетот ја совлада Италија.