Некои спортски натпревари, како домашниот натпревар на Интер против Сампдорија, кој е меѓу четирите натпревари во фудбалската Серија А закажани за вчера, се одложени поради стравувањата од ширење на коронавирусот, јави „Би-би-си“. Суспензијата ја објави италијанскиот премиер Џузепе Конте на прес-конференција во саботата.
– Министерот за спорт Винченцо Спадафора има намера да ги прекине сите спортски настани планирани за недела во регионот Венето и Ломбардија – рече Конте.
Одложени се и средбите Торино – Парма, Верона – Калјари и Аталанта – Сасуоло. Но тимот на тренерот Антонио Конте, Интер, кој е трет во Серија А, треба да биде домаќин на бугарскиот тим Лудогорец во реванш-натпреварот од 1/16-финалето на Лига Европа в четврток.
Во изјавата, од Европската фудбалска унија (УЕФА) велат дека се „во контакт со Интер и со локалните власти за ова прашање и нема да има понатамошен коментар во оваа фаза“, пренесе „Би-би-си“
Торино, кој е во северозападниот регион Пиемонт, го објави своето откажување само неколку часа пред натпреварот, кој требаше да почне во 14 часот.
Одложени се и средбите во женската Серија А, како Милан – Фиорентина, многу дуели од Серија Ц и Серија Д, како и дуелот Италија – Шкотска во рагби во неделата, пишува „Би-би-си“. Претходно, во саботата, беа одложени голем број други фудбалски натпревари.
Сето тоа е откако жена од северниот регион Ломбардија стана втората жртва во Италија од коронавирусот за 24 часа. Неколку града во регионот на Ломбардија се со затворени училишта и канцеларии.