Селекторот Роберто Мартинез веројатно ќе беше означен како главен виновник за евентуалниот неуспех на Белгија на Светското првенство (СП), но токму шпанскиот фудбалски стратег ги спаси неговите избраници од пораз против Јапонија, водејќи ги до четврт-финалето на Мундијалот, по вечерашниот триумф со пресврт 3-2.
Азиската селекција изненадувачки стигна до предност од 2-0 во осминафиналниот дуел, со головите на Генки Харагучи во 48-та минута и на Такаши Инуи во 52-та минута, но Белгија на крајот славеше, благодарение на Маруан Фелаини и на Насер Чадли, кои Мартинез ги внесе во игра во 65-та минута (излегоа Дрис Мертенс и Јаник Караско). Токму резервистите ги постигнаа вториот и третиот гол за „црвените ѓаволи“, во 74-та минута, односно во судиското надополнување, откако претходно Јан Вертонген намали на 1-2 во 69-та минута.
Белгија, на тој начин стана првата репрезентација која победи во меч од нокаут-фазата на мундијалите по негатива од два гола, уште од Германија против Англија на СП 1970.
А Мартинез успеа барем накратко да ги замолкне критичарите кои го оспоруваа во пресрет на турнирот во Русија. Според медиумите, тој не е најдобро прифатен од белгиската јавност, бидејќи е првиот странец селектор на Белгија уште од 1958 година (со исклучок на петте меча под водство на Холанѓанецот Дик Адвокат во 2009 година). Згора, многумина не се согласуваат со неговиот стил на игра и изборот на формацијата 3-4-3. Мартинез го изостави и популарниот играч за врска Раџа Наинголан од составот за СП, што не наиде на одобрување кај белгиските љубители на фудбалот. Белгијците му замеруваат на Шпанецот и што претпочита да зборува англиски на јавните настапи.
Но, благодарение на потезите на Мартинез, Белгија избори четврт-финале против Бразил, продолжувајќи го сонот за освојување на Мундијалот, на кој се вбројува меѓу водечките фаворити.