Фото: Игор Бансколиев

Во новата сезона има измени во правилата при изведување пенали, слободни удари, играња со рака, замена на фудбалери, потфрлања…, со важност од 1 јуни, за сезоната 2019/2020

Со првите мечеви од новата сезона во европските купови, но и пред тоа во некои национални првенства, почнува примената на некои нови правила во фудбалот донесени од Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ). Измените стапија во сила на 1 јуни за сезоната 2019/2020.

ЖИВ ЅИД: Така, отсега е забрането да има противнички фудбалери во живиот ѕид, ако тој се состои од барем три играчи. Во таква ситуација противничките фудбалери ќе мора да бидат оддалечени од ѕидот еден метар. Ако има играч на помалку од дозволеното растојание противничкиот тим ќе добие индиректен удар. Идејата е да се елиминира трошењето време и да се избегнат честите туркања во ѕидот пред изведување на слободните удари.

ЗАМЕНА: Играчите при замена се обврзани да излезат од теренот преку најблиската линија. Досега тие излегуваа исклучиво преку линијата на средината од игралиштето, кај четвртиот судија, освен во случај на повреда. Со оваа измена се избегнува трошењето време при измените, а покрај тоа што ќе мора да излезат најбрзо што можат, фудбалерите мора веднаш да одат на клупата или во соблекувалната, оти во спротивно може да бидат санкционирани за неспортско однесување.

КАРТОНИ: Отсега ќе се покажуваат жолти и црвени картони и за тренерите. Досега усно и со гестикулација беа опоменувани или им беше покажуван патот кон соблекувалната при исклучување. Во случај на мешаница кај клупите, доколку судијата не може да го идентификува тој што треба да го казни, тогаш картонот ќе му биде покажан на главниот тренер.

ПЕНАЛИ: Измени има и при изведувањето пенали, со нов обид да се намали слободата на движење на голманите. Со новото правило голманот при изведувањето на пеналот ќе мора барем со една нога да ја гази гол-линијата и нема да може да стои зад линијата. Згора, на голманот му е забрането пред изведувањето на пеналот да ги допира мрежата и стативите.

ИГРАЊЕ СО РАКА: ИФАБ донесе појасни насоки за играњето со рака во шеснаесетникот, па, така, нема да биде признаен голот ако во акцијата топката удрила во рака на играч на тимот што постигнал гол, дури и ненамерно. Ќе се санкционира намерно играње со рака како и добивање предност во поседот или во контролата на топката со играње со рака, при што бил постигнат гол или била создадена шанса. Вообичаено е прекршок ако со рацете се прави телото неприродно поголемо, ако тие се над рамената, но вообичаено не е прекршок ако топката удрила во рака веднаш откако играчот ја удрил со глава или со телото (вклучувајќи ја и ногата), или друг близок играч ја удрил со глава или друг дел од телото, ако рацете се блиску до телото и не го прават телото да изгледа поголемо или кога играчот е во пад и рацете се помеѓу телото и теренот за да го ублажи падот, но тие да не се испружени на страна.

„Фудбалот не прифаќа постигнат гол со рака, дури и ненамерно. Фудбалот очекува играчот да биде санкциониран ако добие предност со играњето со рака. Природна е положбата на рацете помеѓу телото и теренот за поддршка на телото при паѓање. Положбата на рацете над рамо ретко е природна положба, па секој фудбалер ризикува така да ги држи рацете, дури и при лизгачки старт. Ако топката се одбие од телото на играчот или кој било друг играч што е блиску, во раката е ситуација во која често е невозможно да се избегне контакт со топката“, пишува ИФАБ.

СУДИСКО ПОТФРЛАЊЕ: Судиското потфрлање веќе нема да биде компетитивно, па така судијата само ќе ја спушта топката кај играч на тимот што последен ја имал топката пред прекинот. Во сите случаи противничките фудбалери мора да бидат на растојание од четири метри од судиското потфрлање на топката.

Сегашното потфрлање на топката често доведува до невообичаено продолжение што често нефер се искористува, на пример со избивање на топката далеку на половината на тимот што треба да ја добие топката или со агресивна конфронтација веднаш по потфрлањето. Враќање на топката кај тимот што ја имал при прекинот го враќа „загубеното“ кога играта била запрена, објаснуваат од ИФАБ.


Жолт картон за несоодветно радување иако голот бил поништен

Од другите измени на фудбалските правила е и тоа дека по изведувањето гол-аут, фудбалерот ќе може да ја прифати топката и внатре во шеснаесетникот, откако досега мораше да чека таа да излезе од бековскиот простор. Жолт картон се доделува за несоодветно радување по постигнат гол дури и ако тој гол бил поништен. Противничкиот играч мора да биде два метра оддалечен од аут-линијата при изведувањето аут, дури и ако изведувачот е зад линијата. Тимот што ќе победи во фрлање паричка пред почеток на средбата одбира дали прв ќе има почетен удар или на која страна ќе напаѓа. Црвени картони ќе се покажуваат за фудбалери, тренери и технички лица што влегуваат во собата за видеооперации, а жолти за влегување во делот од теренот на судијата каде што се прегледува видеоснимка.