Речиси осум метри е разликата во просечната должина на додавањата на тимовите од 35 европски домашни првенства, анализирани од Фудбалската опсерваторија на Центарот за спортски студии (ЦИЕС), според која најдолги додавања се забележани кај членот на англиската дивизија Чемпионшип, Ротерам јунајтед (во просек 23,42 метри), а најкратки кај првакот на Франција, ПСЖ (15,85 м).
Многу други комептитивни тимови се меѓу првите 25 на листата со најкратки додавања, вклучувајќи ги и полуфиналистите на Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава, Барселона (второ место) и Ајакс (петто), како и финалистот во Лига Европа (ЛЕ), Челси (делба на третото место). Најголемиот број од тимовите што имаат најдолги додавања се во долните делови од табелите во своите лиги. Гетафе е исклучок што го потврдува правилото, велат од ЦИЕС, кој ги користел податоците од „Ин-Стат“.
Анализата по првенства покажува и постојаност во разликите во стиловите на игра, па во шкотската Премиер-лига (21,08 м) и во англиската дивизија Чемпионшип (20,58 м) се остваруваат просечно најдолгите додавања, велат од ЦИЕС. На другиот крај на оваа табела се француската Лига 1 и Првата лига на Финска (по 18,89 м во двата случаја).
ПРОСЕЧНО НАЈКРАТКИ ДОДАВАЊА
ПСЖ 15,85 м
Барселона 16,31 м
Хонка 16,65 м
Челси 16,65 м
Ајакс 16,95 м
ПРОСЕЧНО НАЈДОЛГИ ДОДАВАЊА
Ротерам 23,42 м
Ливингстон 23,38 м
Стромгодсет 22,64 м
Кардиф 22,44 м
Бирмингем с. 22,40 м
податоците се за сезонава во домашните првенства до 15 мај
Извор: ЦИЕС