Во 2020 година научивме дека работејќи заедно во духот на компромис и на разбирање, дејствувајќи како тим и стремејќи се кон истите цели, европската фудбалска заедница може да надмине каква било пречка. Тоа е лекција што добро ќе ни служи во иднина, рече Чеферин
ФУДБАЛ – АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, на интернет-страницата на оваа организација ги истакна лекциите научени од вонредните 12 месеци, нагласувајќи дека тимската работа, единството и солидарноста ѝ помогнаа на фудбалската заедница да ги надмине сите пречки.
Има повеќе лекции што треба да се научат од начинот на кој УЕФА, националните асоцијации, лигите, клубовите, играчите и публиката во пандемијата на коронавирусот заеднички се приспособија на промените, истакнува Чеферин.
Три лекции се издвојуваат. УЕФА успешно ја примени формулата за безбедно одржување на натпреварувањата, на повеќе од 1.000 клупски и репрезентативни натпревари што беа завршени до август. Протоколот „Враќање на натпреварите“ објавен во јули, воспостави робусни медицински и оперативни стандарди за сите натпреварувања на УЕФА. Ниту еден „камен не остана непомрднат“, во напорите да ги заштитиме сите вклучени во натпреварите, на теренот и надвор од него. Популарноста и финансиската моќ на фудбалот носи дополнителна општествена одговорност. Во вакви времиња, тој има моќ да им помага и да ги зајакнува заедниците. Националните асоцијации, лиги, клубови и играчи почнаа безброј иницијативи за да им помогнат на локалните заедници да се справат со проблемите. Тие вклучуваа собирање средства за набавка на медицинска опрема, доставување храна до старите и ранливи лица, производство на видеозаписи за тренинзи дома и користење на фудбалот за испраќање витални здравствени пораки.
Во минатите девет месеци, надминавме низа значајни пречки, кои би се чинеле несовладливи во понормални времиња, вели Чеферин. Беше променет целиот календар на натпревари за сезоната 2020/2021, беа реформирани и завршени четири натпреварувања за четири недели во август, пилот-проекти за безбедно враќање на ограничен број гледачи за Суперкупот во Будимпешта и одложување на ЕП 2020 за 12 месеци, потег што, меѓу другото, им овозможи на националните лиги низ Европа да продолжат и да завршат во лето.
Во 2020 година научивме дека работејќи заедно во духот на компромис и на разбирање, дејствувајќи како тим и стремејќи се кон истите цели, европската фудбалска заедница може да надмине каква било пречка. Тоа е лекција што добро ќе ни служи во иднина, рече Чеферин.