Тренерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо изјави дека во преодниот период нема да трошат многу пари на засилувања.
Мурињо за две години на „Олд Трафорд“ потроши 300 милиони фунти, а со Ромелу Лукаку и Пол Погба своевремено направи едни од најскапите трансфери.
Но, Јунајтед викендов беше поразен од Вест Бромвич и практично му ја подари титулата на Манчестер сити.
– Нема да трошиме повеќе од тоа што можеме. Нема да „лудуваме“, но ќе пробаме да го подобриме тимот. Тоа е она што ќе се обидеме да го направиме. Минатата сезона бевме шести, оваа година се надевам дека ќе останеме втори – истакна Мурињо.
Португалскиот фудбалски стручњак не пропушти да спомене дека нивниот ривал Сити располага со многу поголемо количество на пари.
– Следната година ќе пробаме да напредуваме, но ќе видиме што ќе се случи. Можеби Сити ќе вложи огромни средства и нема да им дозволи на другите да им се приближат – истакна тренерот на Јунајтед.
Мурињо со Манчестер јунајтед се обидува да ја освои првата титула по заминувањето на легендарниот сер Алекс Фергусон, кој во 2013 година го донесе последниот трофеј на „Олд Трафорд“.