По првата размена на дресовите во 1931 година, пошироката јавност овој чин го виде
на СП 1954, а по Мундијалот во 1970 година стана симбол на пријателството, уважувањето, почитта на актерите на теренот, откако светот го обиколија фотографиите на размената проследена со искрен пријателски разговор помеѓу Пеле и Мур
Размената на дресовите помеѓу фудбалерите по завршување на натпреварите денес е вообичаена глетка, но малку е познато како почна оваа традиција, како и тоа дека светските првенства беа своевиден катализатор на овој чин, кој покажува меѓусебна почит и демонстрира вистински фер плеј на фудбалерите на теренот.
Првиот случај на размена на дресови се случил на 14 мај 1931 година по големата и изненадувачка, згора и прва победа на Франција над Англија, со 5-2 на стадионот „Коломб“ во Париз. Француските фудбалери биле возбудени и среќни по победата и ги замолиле фудбалерите на Англија да ги добијат нивните дресови како спомен на големиот триумф. Англичаните се согласиле и така пред 87 години почна традицијата, која е проткаена со многу интересни приказни.
Размената на дресовите не фати корен веднаш. Дури 23 години подоцна во промовирањето на идејата мораше да „се вклучи“ светското првенство, за размената на дресовите да се популаризира и пошироката публика да го види изразот на пријателство меѓу фудбалерите. Тоа Светско првенство во 1954 година беше првото од кое беа вршени ТВ-преноси, па размената на дресови можеа да ја видат и многу повеќе луѓе отколку само оние што беа присутни на трибините.
Потоа ритуалот по дуелите полека се ширеше во фудбалот, а еден значаен за популаризацијата се случи во 1962 година по победата на Бенфика над Реал Мадрид во финалето на Купот на шампионите. Тогаш славниот Португалец Еузебио го размени дресот со легендарниот Аргентинец Алфредо ди Стефано. Воодушевените навивачи го кренале на раце Еузебио, а тој подоцна се сеќаваше на тој момент: „Го ставив дресот на Ди Стефано во шорцот и само мислев некој да не ми го земе“.
Светските првенства одново беа место каде што можеа да се видат размени, но имаше и спротивни примери, како тој од СП 1966, со влечењето на еден дрес на англискиот селектор Алф Ремзи, кој не сакал да дозволи размена на Џеф Хартс со Алберто Гонзалес, по тензичниот меч Англија – Аргентина.
Но на следниот Мундијал, се случи моментот што ја запечати популарноста на овој чин на џентлменство, како симбол на пријателство, уважување, почит на актерите на теренот. Тоа се случи на Светското првенство во Мексико во 1970 година, кога по средбата Англија – Бразил дресовите на теренот ги разменија Боби Мур и Пеле. Фотографиите од оваа случка, на која со широки насмевки двајцата големи фудбалери ги разменуваат дресовите и разговараат по средбата, веднаш станаа едни од најубавите спортски фотографии, кои ја покажуваат вистинската слика на фудбалот – по бескомпромисна борба на теренот за време на мечевите, фудбалерите се големи пријатели надвор од зелената и 90-минутната временска рамка.
Денес овој чин на почит за играчот и за неговиот тим е раширен (почна и во други спортови, како американскиот фудбал), секојдневен, иако сите не го прифаќаат. Фудбалот еволуира од само спорт во цела индустрија, па и дресовите станаа и повеќе од само сувенир, меѓу другото, се продаваат на аукција, но некои фудбалери имаат и импозантни колекции од над 400 дреса.
За да нема „тепачка“ по секој меч 25 дреса од Пеле за противничкиот тим
Фудбалот во лигата на САД има многу приказни околу размената на дресови помеѓу фудбалерите по мечевите во 70-тите години од минатиот век, објави ФИФА. Тогаш, по 18 години во бразилскиот Сантос, кралот на фудбалот Едсон Арантес до Насименто Пеле потпиша за Космос од Њујорк (САД). За време на првенството, по средбите, сите толку сакаа да разменат дрес со Пеле, па клубот реши да им даде дресови со бројот 10 од Бразилецот на сите фудбалери од противничкиот тим.
– Пеле беше главната атракција. Понекогаш моравме да имаме 25-30 резервни дреса за секој меч, во спротивно немаше да можеме да излеземе од теренот – вели за ФИФА, Гордон Бредли, еден од тренерите во тоа време.